Кандидатите кои не се на конечната листа за обука во Академијата за судии се сретнаа со претседателот Пендарвоски

Да се изнајде решение за настанатата состојба во согласност со Уставот и законите, преку почитување на начелата за недискриминација, соодветна и правична застапеност, порача претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со претставниците на кандидатите кои не се најдоа на конечната ранг-листа за обука во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ – Скопје.

На нивно барање, Пендаровски ги прими претставниците на група од 14 кандидати пријавени на јавниот оглас за прием на VII генерација слушатели на почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ – Скопје, кои не се најдоа на листата.

На средбата, на која, како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, присуствуваше и директорката на Академијата, Наташа Габер-Дамјановска, претставниците на групата кандидати го изнесоа незадоволството што не се најдоа на конечната ранг-листа на 60 примени кандидати за почетна обука, откако Управниот одбор на Академијата утврди посебна квота за припадници на заедниците што не се мнозинство во Република Северна Македонија.

-Претседателот Пендаровски ги повика засегнатите страни за изнаоѓање решение за настанатата состојба, во согласност со Уставот и законите, преку почитување на начелата за недискриминација, соодветна и правична застапеност, стои во соопштението.