„Канцерогено општество“: Владата да не ги прекинува мерките против загадувањето

Иницијативата „Канцерогено општество“ повика на мирен протест против загадувањето што ќе се одржи утре со почеток во 13 часот пред Собранието, а ќе заврши пред Владата.

Од таму порачаа дека се потребни долгорочни мерки, а не мерки кои удираат по џебот на граѓаните и краткотрајни мерки, како што се на пример бесплатниот јавен превоз, кој трае по најмногу два дена. Повикаа власта и опозицијата да не го злоупотребат протестот и порачаа дека не се поддржани од ниту една партија.

„До сега видовме колку се способни институциите да го решат овој проблем, да се избориме сами за почиста средина. Утре на протестот ќе бидат искажани нашите барања со цел заедно да го смислиме најдоброто и најбрзото решение зошто време немаме“, рече Кристијан Узунов.

Утре пред Собранието, како што рече, ќе ги испорачаат барањата, меѓу кои се свикување итна владина седница, вклучување на експерти и граѓанскиот сектор во контролите на големите загадувачи и продолжување на мерките на градот против загадувањето.

Узунов рече дека инцијативата „Канцерогено општество“ пред 4 години на протести барале итно поставување на филтри на „Железарница“ и рече дека тогаш имале поддршка од мал број луѓе.

„Единствено искуство на инцијативата беше пред 4 години за фабриката ‘Железарница’, се залагавме за итно решавање на филтрите, тогаш имавме поддршка од мал број граѓани, свеста беше мала, седум месеци секојдневно блокиравме улици, но одзивот беше мал и тоа е една од причните зошто сега сме најзагаден град во светот“, рече Узунов.

Во изминативе денови во јавноста се поставија прашања кој стои зад утрешниот протест. Узунов рече дека тие се само загрижени граѓани и дека не се поддржани од ниту една партија.

„Не нè интересира ништо друго освен здрава животна средина“, рече Узунов.