Кампување: Прва симпатија, гитара, дружба од изгрејсонца до зајдисонце

Ситуацијата во која неколку луѓе седат заедно загледани во своите технолошки направи не се случува за време на кампувањето. За да се помине убаво сите мора да се потпрат едни на други, на темите на кои можат да разговараат, на работите за кои знаат да се шегуваат и на песните кои знаат да ги свират и пеат.

Квалитетно поминатото време со другите е последица на самиот престој во природата. Тоа ќе ви дозволи да уживате во оние мали нешта кои ги носи непосредната комуникација. Голем стереотип е тоа што луѓето сметаат дека ако кампуваш си осуден на минимални објекти за забава. Тоа не е вистина. Современите места за кампување се опремени со различни објекти, базени, детски игралишта, ресторани, барови, спортски објекти, спа третман објекти и слично.

Најдобриот дел е тоа што овие објекти се поевтини од стандардните хотелските услуги. Затоа и сѐ повеќе луѓе се одлучуваат да одат на ваков тип на одмор, кој дури и со целосната опрема и средства е многу поекономичен од одмор во хотел.

Изгрејсонцата, зајдисонцата и ѕвездените неба стереотипно се поврзуваат за романтичарите, но дури и да не се пронаоѓате на оваа група, нормално е да ве воодушевуваат. Секое утро, секоја квечерина и секоја ноќ природата приредува спектакл на небото. Штета е да не се ужива во тоа, а кампингот ќе ве одведе многу поблиску до нив.. 

Да се кампува или не?

-Не би коментирала за предностите и недостатоците на овој тип на одмор, затоа се зависи од човекот. Има луѓе утепај ги, нема да земат соба. Има луѓе што по цело лето кампуваат ( кој има време ), а има и луѓе што се гадат од кампови. Ти треба приколка, многу слободно време и едни купачи и едно дуксерче - доволни се за цел одмор, објаснува Јасмина.

-Камп приколката може да биде најубава и најмодерна на свет, на крајот од денот - пак си е камп приколка и пак ти ќе мора да си ја зачистиш. Целиот концепт на камп ме нервира, тоа готвење, па собирање на садови и миењето кај заедничката чешма со твој сјај и сунѓерче мезење пред кампот, ајде комши на кафе, вели Милена.

-Јас многу сакам да кампувам. Пораснав во Љубаниште. Не ми пречи тоа што се сам треба да си направиш. Не ми пречи ни тоа што се допрено до шаторот треба да преместуваш ако врне. Уживам во тоа да бидам дел од природата.  Јас и не сум навикната да седам на одмор и да не правам ништо. Всушност, одморите ми се или по кампови, или во викендица. Во хотел никогаш не сум била на летување. После долгогодишни натегања, сопругот ме убеди да одиме на зимување во хотел, и умрев од досада. Кутриот тој, сака да оди на одмор во хотели, а се изнапати со мене по викендици и кампови, раскажува Цеце.

-Некои луѓе се згрозуваат кога ќе се спомене кампување, и морам да признаам дека и јас бев една од тие до пред 4-5 години. Маж ми запна, купивме убава приколка комотна, со горе - долу сите удобности. И од тогаш сме секое лето 20 дена под Олимп, во најубавиот(и најскапиот) камп во тој дел (кој оди таму знае за што зборувам). Чисто е и средено, има ред. И за првпат почуствував вистински одмор. Цел ден си надвор во твое, си готвам што си сакам и што јадеме, плажа на дваесетина метри, нон-стоп слободен интернет, до мене книги куп.Детето ми е задоволно, нон стоп надвор со деца, а не затворено во некој апартман, вели Сузе.

Евтина можност за одмор

На крај, сите овие работи ги добивате за малку пари. Купувањето на опрема за кампување е еднократна инвестиција, а не мора да купите сѐ и сешто и работи кои најверојатно нема да ви требаат. Храна можете да купите од супермаркет и да потрошите исто толку како да сте останале дома. Тешко е да се поверува дека постои поевтин начин на одмор.

Природата е единствена книга која на сите листови нуди многу содржини...