Кампањите беа насочени кон заштита на постарите, па болниците се полни со млади луѓе, предупредува д-р Мехмедовиќ

Д-р Злате Мехмедовиќ за Канал 5 изјави дека веќе извесен период не работи во ковид-центарот, поради промена на кадрите. Тој предупредува дека и понатаму, во комуникација со колегите, дознава дека во ковид-болниците постојано има приеми на млади лица, со компликации од заразата. 

„Помеѓу нив има и тешки случаи, помеѓу нив има и случаи кои се во терминална фаза, кои за жал, се почесто гледаме дека ги има на дневната статистика на починати. Тоа е нешто што особено нè вознемирува, нас, здравствените работници, зашто не бевме навикнати на една таква состојба, во која гледаме се повеќе млади како ги полнат полничките кревети“, вели тој. 

Според него, една од причините е и стратегијата за вакцинација, бидејќи приоритет се даде на повозрасната популација, која во претходните бранови беше и позагрозена, а се остави простор да има голем број невакцинирани меѓу младите. На некој начин, вели д-р Мехмедовиќ, младите генерации беа запоставени. 

„Втора причина е и кампањата за вакцинација, која беше во насока да ги заштитиме постарите, да внимаваме на нивното здравје, меѓутоа како да заборавивме на здравјето на помладите“, изјави д-р Мехмедовиќ. 

Докторот нагласува дека не смее да се заборави и новата варијанта, која во комбинација со ваквата стратегија, ја дава денешната клиничка слика кај младата популација. Делта-варијантата е поагресивна кон младите и е една од причините за потешка клиничка слика на болеста. 

„Ако продолжиме на овој начин да овозможуваме широка трансмисија на вирусот, без да достигнеме задоволително ниво на вакцинација, ќе оставиме простор коронавирусот се уште да се развива, да еволуира, да се менува и мутира и да создава варијанти кои во иднина почесто ќе ги таргетираат помладите“, вели тој.