Кампањата за референдумот почнува на 10 септември

Парламентот ќе работи до 10 септември кога претседателот на Парламентот Талат Џафери очекува да почне кампањата за референдумот, што, пак, веќе е закажан за 30 септември. Иако предлагачи на одлуката се пратениците, Џафери вели дека носители на кампањата би можеле да бидат политичките партии, но и Владата, па дури и Собранието.  

- Веке три децении граѓаните на РМ без разлика на нивната етничка и верска припадност, во речиси 80 отсто, се за интегративниот процес на Република Македонија и во тој контекс очекувам да се зголеми излезноста на гласањето за референдумското прашање. Во принцип секогаш сум оптимист и им верувам на граѓаните дека ја сфатија пораката и потребата за референдумот и ќе ја искажат нивната определба да бидат дел од ЕУ и НАТО, рече Џафери на денешниот редовен брифинг со известувачите од работата на Собранието. 

Според него, и тие што ќе се определат да не учествуваат на референдумот,  ќе  имаат некаква кампања. 

Поставеноста на референдумот во однос на консултативниот карактер, е работа предлагачите, додаде Џафери.

Тој информираше дека Законот за ратификација на Договроот со Грција во Службен весник ќе биде објавен по референдумот, иако претходно се имаше друго мислење во врска со ова прашање. 

- Сметам дека најповолно време тоа да се случи е после изјаснувањето на граѓаните во однос на референдумското прашање, затоа што во одреден контекст сиот успех на Договорот зависи од одлуката на граѓаните која ќе ја донесат на референдумот и тоа е најсоодветно време да се постапи по однос на договорот, рече Џафери.

На средбата со новинарите тој информираше дека Собранието ќе паузира со пленарните седници до 20 август и оти првата седница може да биде свикана околу 29 и 30 август.   

Во периодот по летните одмори треба да се очекува, според претседателот на Парламентот, Собранието да ги избере членовите на некоку второстепени комисии кои останаа без своите први луѓе по нивното разрешување, но исто така и да биде избран директор на ОТА. 

Деновиве треба да заврши и постапката за определување на проекциите за буџетот на Собранието за следната година. Во првата половина од годината  Собранието имало 57 седници од кои десетина не се завршени.