Кампања против беснило вo сабота во Градски парк - бесплатни прегледи на животните

Агенцијата за храна и ветеринарство се вклучува во кампањата на Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ за одбележување на Светскиот ден на борбата против беснило – 28 септември.

Во рамки на годинашната кампања, во организација на Агенцијата, а во соработка со Факултетот за ветеринарна медицина, Ветеринарната комора и ветеринарните друштва в сабота во Градски парк од 10 до 12 часот ќе се одржи промотивно- едукативен настан за подигнување на јавната свест за беснилото, опасноста од него и превенцијата.

За најмладите ќе биде организирано детско креативно катче каде што преку цртежи ќе се твори за одговорноста кон домашните миленици, нивната вакцинација и заштитата од беснило и за одговорното сопствеништво. Факултетот за ветеринарна медицина и ветеринарните друштва ќе даваат совети на одгледувачите на миленици и ќе вршат бесплатни прегледи на животните. Поделени ќе бидат и купони со попусти за сопствениците на миленици кои во рамки на оваа кампања ќе решат да ги вакцинираат своите миленици против беснило, како една од превентивните мерки за ширење на оваа болест и кај човекот.

Од средината на октомври Агенцијата за храна и ветеринарство ќе ја спроведе годинашната есенска кампања за вакцинацијата на лисиците против беснило со авионско фрлање на вакциналните мамки. На целата територија на Република Македонија, со финансика поддршка на Европската Унија и во рамки на оваа вакцинална кампања ќе бидат фрлени 500 илјади вакцинални мамки.