Камерите во Зоолошката може да го дадат одговорот кој ги отрул коњите, вели Галетановски

Директорот на скопската Зоолошка градина, Зоран Попов, се брани со молчење, а јавноста чека одговори како пцовисале трите коњи, кои се редок и скап вид. Во исто време, неговиот претходник Ѓорѓи Галетановски, за „Макфакс“ посочува дека камерите во Зоолошката може да го дадат одговорот кој ги отрул коњите. За случајот се дозна од полицијата, каде што е пријавено можно труење. Обдукцијата сѐ уште не е завршена.

„Макфакс“ стапи во контакт со Попов, кого, меѓу другото, бил прашан зошто има сомневања дека коњите се отруени. Наместо одговори за јавноста, тој продолжи со игнорантскиот однос што го имаше и претходно. Останува нејасно и кој е вработениот што го пријавил случајот во полиција, како и кои биле неговите мотиви.

Галетановски, кој речиси четири години раководеше со Зоолошката градина, за „Макфакс“ вели дека станувало збор за здрави животни. Тој посочува дека биле атракција. Дециден е дека во Зоолошката градина има камери на секој чекор, па може да дадат одговори на многу прашања.

„Дознав од порталите. Навистина тажно и голема штета. Во минатото ги донирал национален парк од Австрија. Особено боли фактот што беа атракција и се ретка раса и во Европа и во светот, како и дека се навистина заштитени. Беа диви, многу здрави. Таа раса е нескротлива. Тврдам дека се отруени. Не може три коњи, да угинат за 24 часа. Внатре има камери во целата Зоолошка градина, што ги поставивме во мојот мандат“, вели Галетановски за „Макфакс“.

Вкупно три коњи од расата пржевалскиев коњ – пцовисаа. Тие во скопската Зоолошка градина биле донација од национален парк од Австрија, а до неодамна важеле за изумрен вид во дивината и нивната вредност е голема.