Какви сообраќајни решенија вети Шилегов за Скопје

Скопските гужви во сообраќајот се наше секојдневие секое утро и на крај на работниот ден. Но, кога на тој контролиран хаос ќе заврне дожд, тогаш настанува лудило.

Одеднаш по улиците нагрнува голема маса на луѓе со чадори во раце – сите брзаат некаде, голем број автомобили заглавени во сообраќајот во секојневниот шпиц, фрустрирани возачи псујат. Ова особено е забележително на Бит пазар и на булеварот “11 Октомври” кај Зелено пазарче. Голем број скопјани сметаат дека покрај зголемениот број возила што се движат по скопските сообраќајници и го заглавуваат сообраќајот, влијание имаат и навиките на луѓето кои не користат градски превоз за до и од работа

Претходните градски власти направија повеќе проширувања на улици и булевари за растоварување на сообраќајот, но овој проблем се префрли и кај новиот градски татко бидејќи сообраќаен метеж се уште се прави на одредени локации во градот. Новоизбраниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов вети нови сообраќајни решенија кои опфаќаат изградба на северен булеварски прстен, централни магистрали, мостови, тунели и нови булевари.

Тој во својата изборна програма посочи дека многу брзо ќе почне изградбата на северен секундарен сообраќаен прстен кој подразбира изградба на 36 километарски булеварски прстен за поврзување на општините Кисела Вода преку булеварот “Србија” со општините Гази Баба, бидејќи овој булевар е вистински кошмар за возачите од 15 до 17 часот. Сообраќајно решение Шилегов предвидува и околу населбата Железара и ново булеварско решение за поврзување на Чаир и Бутел и спојување со булеварот “Словенија”, кој треба да продолжува до Влае, Ѓорче Петров и Волково.

Предвидена е и изградба на мост на реката Вардар и тунел под Кале. Мост ќе се гради и во населбата Карпош 4 за поврзување со булеварот “Скупи”. За раскрсницата кај Мавровка новиот градоначалник предвидува нивелација на раскрсницата и непречено одвивање на сообраќајот на оваа “црна точка” за движењето на возилата во Скопје. Предвидена е изградбата на уште еден тунел за поврзување на општините Аеродром и Кисела Вода – спојување на булеварите “Борис Трајковски” и “Трета македонска бригада. Шилегов предвидува да го обнови железничкиот прстен околу Скопје (шест железнички станици), воведување на градски воз со кој од Драчево до Скопје Север ќе се дојде со воз за 10 минути, и од тука со автобус или велосипед за кратко си во центарот на градот.

– Досегашниот автоцентричен дизајн на улиците целосно го отфрламе, бидејќи улицата не е само коловоз. Секоја идна улица, мост или булевар во Скопје ќе има задолжителен хуманизиран и безбеден простор за пешаци, велосипедисти и јавен превоз – изјави Шилегов во предизборната кампања и додаде дека овие решенија се однесуваат и на заштитата на животната средина и загадувањето.