Какви се скопските домаќинки: Зад секоја успешна жена, стои друга вредна жена која и чисти, готви и ги чува децата

Во минатото жената имала улога само да биде мајка и домаќинка. Таа не одела на работа, таа не градела кариера. Се грижела само за децата и за домот. Како оди времето напред, така и жените одат напред, некогаш и многу понапред од мажите.

Зад секоја успешна домаќинка стои вредна жена. Денеска, кога темпото на живот е побрзо од кога и да е, а работното време завршува во попладневните часови, оваа некогашна шега стана гола вистина.

Ако ги прашате, скопјанки ќе ви кажат дека се супердомаќинки и дека не се мрзеливи, но немаат време за се. Затоа, зад нив стои цела армија жени, па и мажи, вработени во фирми за перење, пеглање, готвење, чистење...

Едноставно, новото време создаде нови занимања Здодевното и напорно чистење на домот, перење, пеглање, готвење, па и грижата за домашните миленичиња се претвори во бизнис. Додека низ градовите во внатрешноста ретко ги има, во Скопје специјализирани продавници за готвена храна, иста како дома, сервиси кои освен во фирми чистат и во домови, како и дуќани за перење и пеглање, има се повеќе. Иако се донесе закон со кој за вршење нерегистрирана дејност се предвидоа ригорозни казни, се уште има голем број жени кои одат по домови и чистат, готват, а за одреден надомест го завршуваат и здодевното пеглање.