Какви се пријателствата кои нè прават најсреќни?

Најдобрите пријателства ги подобруваат нашите животи, ни даваат убаво чувство и нè прават посреќни.

Photo by Sam Manns on Unsplash

Некои студии посочуваат дека пријателствата се клучни за нашето здравје, добросостојба, но и долговечност исто како и здравата исхрана и вежбањето. 

Но, кои пријателства нè прават најсреќни?

Некои нови истражувања истакнуваат дека на луѓето им се потребни три до пет блиски пријатели за да бидат задоволни од својот живот. Според истражувачите, оваа бројка е оптимална за да можеме да постигнеме и баланс во својот живот и да вложиме доволно енергија во одржувањето на пријателските односи.

Блиски пријатели

Блиските пријатели се луѓе кои ги знаеме одредено време и кои ги знаат нашите добри и лоши страни. Можеби не сме секогаш во близок контакт со нив, но кога ќе се видиме можеме да продолжиме онаму кадешто сме застанале. Според др. Анџали Фергусон, клинички психолог од Вирџинија, САД, блиските пријатели се најважни за нашето ментално здравје. Во ваквите односи, не постои осудување, а секоја личност  има простор да биде своја. Освен тоа, во ваквите пријателства не постои и притисокот дека мораме постојано да бидеме во контакт со таа личност за да можеме да го одржуваме пријателството. 

Долгогодишни пријатели

Некогаш овие пријатели се поклопуваат со блиските пријатели, но тука станува збор за долгорочни пријатели со кои се знаеме од детството. Но, со овие луѓе сме растеле и сме се развивале како личност. Можеби како возрасни, немаме многу слични интереси бидејќи тоа често се луѓе од нашето маало или основно школо, но тие се важни за нас, бидејќи нè потсетуваат на убавите нешта од детството и младоста. 

Тие стануваат особено важни како што растеме и старееме и нашиот круг станува помал. 

Подалечни пријатели

Тие  се оние луѓе кои ги знаеме од различни ситуации, кои можеби нè знаат сè за нас, но се чувствуваме добро во нивното друштво. Тие се некаков вид на подалечни пријатели со кои делиме слични интереси и со кои можеме да разговараме на различни теми кои нè прават среќни, но не секогаш споделуваме лични детали за себе и тоа е во ред. 

Со нив имаме чувство дека припаѓаме некаде, дека сме разбрани, а освен тоа од нив учиме нови нешта, споделуваме искуства и го подобруваме својот живот.

Пријатели од работа

Иако не можеме да бидеме пријатели со луѓето од работа, некогаш ни самите не сме свесни за емоционалната поддршка која ја имаме од овие луѓе. Иако можеби губиме контакт со нив откако ќе напуштиме одредено работно место, сепак тие се клучни за нашето ментално здравје додека работиме со нив. 

Со нив можеме да ги споделуваме сите нервози за ситуациите на работа, грижите за работата, а понекогаш и озборувањата кои се дел од нашите канцеларии.