Какви цени на горивата ќе донесе новата работна недела?

Новата работна недела би можела да донесе пониски цени на бензинот и дизелот, според очекувањата на премиерот Христијан Мицкоски, кој се повика на движењата на цените на светските берзи во изминатата недела. Конечната одлука, сепак, ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика.

„Очекувам, според анализата на берзите како се движеа минатата недела, да имаме поевтинување на дизелот и бензинот следна недела“, изјави Мицкоски, додавајќи дека Владата ги следи движењата на пазарот.

Во моментов, според актуелниот ценовник на РКЕ, ЕУРОСУПЕР БС-95 се продава по најмногу 100 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 по 102 денари, а ЕУРОДИЗЕЛ по 100 денари за литар. Овие цени важат од 29 септември.

Колкаво би било евентуалното поевтинување засега не е познато.

Паралелно со очекувањата за пониски цени на пумпите, Владата преговара и со „Окта“ за дополнителен попуст на нафтените деривати.

Пониските цени на горивата, сепак, имаат и директно влијание врз државниот Буџет. Мицкоски најави дека поради намалените приходи од акцизи и ДДВ може да биде потребен нов ребаланс. Според неговите проценки, само по основ на акцизата во државната каса може да недостигаат околу пет милијарди денари, а со намалените приходи од ДДВ вкупниот кусок би можел да достигне седум до осум милијарди денари.

Мицкоски оцени дека ваквиот износ не може да се покрие само со прераспределба на веќе планираните средства, поради што би била потребна формална измена на Буџетот. 

Во исто време, премиерот тврди дека државата располага со доволно резерви и обезбедени договори за снабдување најмалку до Нова година. 

Сега вниманието е насочено кон следната одлука на РКЕ, која ќе покаже дали движењата на светските пазари навистина ќе донесат ново намалување на цените на бензинот и дизелот во Македонија.