Не сакам да се шминкам.

На работа не носам штикли.

Не сакам долги нокти.

Не одам на педикир. Ми се крева косата на самата помисла да одам на солариум.

Не глумам дека не можам да кренам кутија потешка од 2 килограми и не сакам да се претставувам како кревко битие.

Мразам шопинг и купувам само кога морам. И тогаш посакувам некој друг да можеше тоа да го направи наместо мене.

Каква жена сум јас, сигурно ќе се прашаат тие кои не ме познаваат... Јас сакам да готвам, ама сакам и да јадам, иако тоа нели не би требало да го признаам. Но, не сум расположена да се преправам дека брокулата е највкусното нешто на светов, ниту дека карфиолот е поубав од пицата. Како да не. Јас најмногу сакам да носам патики и не, штиклите не се удобни. Оние кои тврдат дека штиклите се удобни како патики или никогаш не носеле патики или лажат. Трето нема.

Јас сакам да читам. Сѐ. Од Толстој, сѐ до Е.Л.Џејмс. И не мислам дека сум помалку интелигентна само затоа што сум ја прочитала „50 нијанси на сиво“ и немам проблем со тоа. Сакам да гледам љубовни приказни со среќен крај наместо оние во кои Рамбо ги убив сите и што има лошо во тоа?

Е сега сите се збунети од тоа дека една жена која не сака да става еден тон пудра, руменило и други работи на себе, сепак може да биде чувствителна. Дека оваа жена може да крене нешто потешко од мобилен телефон, а сепак да се убие од плачење на „Титаник“. Збунети се затоа што тоа не се вклопува во стереотипот за тоа каква е или треба да биде жената во ова општество.

Е денес единствено треба да бидам она што сум. И секој ден го правам тоа и не размислувам за тоа што ќе кажат другите. Оние кои не ме знаат сигурно мислат дека сум бушава и запуштена која не комуницира со никого и не сака никого. И повторно тоа е глуп стереотип. Напротив. Јас сум секогаш искрено весела и искрено тажна и искрено лута. Мојата облека секогаш е чиста, само едноставно сакам да е памучна, а не составена од синтетики, чипки и ликра. Ќе мислат дека јас нервозно, нељубезно комуницирам со луѓето и дека ги избегнувам. И повторно, тоа е сосема погрешно.

Сакам да пишувам. Најчесто за себе. Знам дека на некои неостварени луѓе им одам на нерви. Јас го правам она што ме прави среќна, а моментално пишувањето е една од тие работи. Колку од луѓето го имаат луксузот да се занимаваат со она што ги прави среќни и кои не се замараат со тоа што мисли околината?

Искреноста е многу поедноставна од лажната љубезност и лажните насмевки. Лагите заморуваат, а од претераното смешкање се прават брчки. Јас избирам природа пред бетон. И не сакам да се шетам дотерана и нашминкана низ град во сабота навечер, само за да импресионирам луѓе за кои воопшто не се грижам. Не сакам да излегувам на „фенси“ места. Да бидам поконкретна, воопшто не сакам да излегувам, бидејќи во следните три дена кожата ќе ми мириса на цигари, а грлото ќе ме пече од туѓите цигари. И воопшто не ми е гајле дали некој ќе мисли дека сум лицемерна, затоа што од девојче кое цело време беше по кафулиња и клубови и пушеше по две кутии цигари дневно, се претворив во жена која во сабота навечер сака да гледа филм и да чита книга. И не размислувам многу за себе, туку живеам онака како што ми се живее.

Не го програмирам својот доручек, својот ручек и не прескокнувам вечера. Помеѓу бучава и тишина, кај мене секогаш победува тишината. Помеѓу црно и бело, секогаш одбирам бело. Не сакам сива боја. Не сакам средина.

Малку е нерационално, но секогаш ги бирам крајностите.