Каква е потрошувачката на едно просечно македонско семејство - за што се троши најмногу

Просечното домаќинство во Македонија наменува околу 59,8 отсто од својата потрошувачка за задоволување на основните потреби како храна, облека, домување и покуќнина. Од тоа, најмногу пари трошиме за храна и безалкохолни пијалаци (37,8 отсто) и за домување, вода, електрика, гас и други горива (11,4 отсто), анализира Фактор.

Следна друга статистичка ставка која јаде најголем дел од приходите на едно семејство се другите трошоци кои вклучуваат отплата на кредити, инвестиции во недвижности и штедење (14,5 отсто). На мебел, покуќнина и одржување на покуќнината трошиме 5,4 отсто од приходите, на сообраќај 5,1 отсто, а на ресторани и на хотели 3,6 отсто. Следни се давачките за комуникации (3,2 отсто), здравје (2,9), рекреација и култура (1,8), а за образование издвојуваме најмалку или 0,2 отсто. На останати стоки и услуги отпаѓаат 4,8 отсто.

Ова го покажува последната публикација на Државниот завод за статистика „Македонија во бројки, 2018“, која беше неодамна објавена и се однесува на податоците добиени во минатата година. Според публикацијата во структурата на приходите на просечно македонско домаќинство преовладуваат примањата врз основа на редовна и повремена работа со 66,8 отсто, пензиите учествуваат со 18,5 отсто, примањата од земјоделството со 6,2 отсто, примањата од странство со 2,2 отсто и социјалните бенефиции со 1,6 отсто.

Од трајните добра во домаќинствата, најмногу има мобилни телефони во повеќе од 80 отсто од нив. Персонален компјутер и патнички автомобил  имаат над 60 отсто од домаќинствата, а клима уред во 30 отсто. Хај- фај музички систем има во 17 отсто, а ЦД носач на звук во 15 отсто од домаќинствата. Технолошките новитети придонесоа во последните две класификации на трајни добра да има пад на процентот во споредба со состојбата пред пет години.

Според статистиката, индексот на трошоците на животот во 2017 година во споредба со претходната бележи зголемување од 1,4 отсто. Зголемување на индексите е забележано во групите: комуникации, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици, транспорт, ресторани и хотели, облека и обувки, рекреација и култура, мебел, покуќнина и одржување на покуќнината и храна и безалкохолни пијалаци. Намалување на индексите е забележано во групите: здравје, останати стоки и услуги, образование и домување, вода, електрика, гас и други горива.

Инаку, во вкупниот број на невработени лица (213 564), најголемо е учеството на младото население на возраст од 20 до 29 години, а стапката на невработеност кај оваа возрасна група во 2007 година изнесува 48,2, во 2012 година 46,1, a во 2017 година 37,9. Во периодот 2007- 2017 година, најголем број од невработените лица чекаат вработување повеќе од една година. Во 2017 година, нивното учество во вкупниот број на невработени изнесуваше 77,9 отсто.