Каква држава градиме ако три од четири деца тешко разбираат што читаат?

Околу 74 отсто од петнаесетгодишниците во земјава се под основното ниво на читачка писменост. Тоа не значи дека децата не знаат да читаат, туку дека голем дел од нив имаат сериозни тешкотии да го разберат прочитаното, да ја препознаат главната мисла, да поврзат информации и да донесат заклучок.

Најновите резултати од ПИСА 2025 не носат само уште едно лошо рангирање за Македонија, туку отвораат многу посериозно прашање – колку учениците навистина умеат да го применат знаењето што со години го стекнуваат во училиште.

Проблемот, според долгогодишниот просветен работник, професорката и поранешна директорка на две основни училишта во Скопје, Наде Молеровиќ, не треба да се гледа само низ бројките и резултатите од тестирањата.

Таа, преку подолга и суштинска фејсбук објава, зборува за причините за слабата читачка писменост, одговорноста на образовниот систем и родителите, но и за тоа што мора да се промени за училиштето повторно да создава деца кои не само што ќе знаат да читаат, туку и ќе знаат да разберат и да мислат.  

Зад резултатите, вели таа, стои многу посериозно прашање – дали образовниот систем навистина ги подготвува децата за живот.

- Читачката писменост не е потребна само за да се добие добра оценка по македонски јазик. Таа е основа за секојдневното функционирање на еден човек – од разбирање договор за работа и банкарски услови, до следење медицински упатства, препознавање лажни информации и носење информирани одлуки, појаснува таа. 

Молеровиќ смета дека токму тука треба да се направи суштински пресврт во начинот на кој ги образуваме децата.

„Наместо учениците само да меморираат лекции, дефиниции и податоци, потребно е да бидат поттикнувани да размислуваат, да поставуваат прашања и да објаснуваат со свои зборови што разбрале од одреден текст“. 

- Особено загрижувачки е што последиците од недоволно развиената читачка писменост не остануваат во училницата. Тие се пренесуваат во возрасниот живот. Човек кој тешко разбира сложена информација полесно може да биде доведен во заблуда, да потпише нешто што не го разбрал, да поверува во лажна вест или да донесе одлука врз основа на нецелосни информации. Во време кога децата секојдневно се изложени на огромен број информации од интернет и социјалните мрежи, способноста за критичко читање станува уште поважна. Но, вината не може да се бара само кај учениците или наставниците, анализира Молеровиќ. 

Според неа образованието е систем во кој своја улога имаат училиштата, наставниците, родителите, институциите, но и целото општество. Ако дома децата поминуваат повеќе време пред екран отколку во разговор и читање, а во училиштето најголемиот акцент останува на репродукција на материјалот и оценката, тогаш тешко може да очекуваме критичко размислување.

„Затоа, наместо постојано да повторуваме дека „денешните деца не сакаат да учат“, треба да се запрашаме дали им создаваме услови да сакаат да учат и, уште поважно, да разберат зошто учат.“

Според Молеровиќ, потребна е промена која нема да биде само уште една реформа на хартија, туку вистинска промена во наставата и пристапот кон учениците.

Целта не треба да биде детето да запомни што пишува во учебникот, туку да може да прочита, да разбере, да поврзе, да провери и самостојно да донесе заклучок.

Зашто дете кое знае да чита, но не разбира што прочитало, нема доволно силна алатка за да се снајде во светот на информациите.

А токму затоа, прашањето не е само како ќе се снајдат овие деца, туку и какво општество создаваме ако не ги научиме да размислуваат самостојно.