„Каков ќе биде овој ден, таква ќе биде зимата“ – Денеска се празнува Митровден

Овој празник меѓу народот е познат како Митровден и се празнува на 8 ноември според новиот календар. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, пократкиот ден и студеното време, народот вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден“.

Насекаде низ Македонија на Митровден се главувале момоци, селски говедари, полјаци, протуѓери, овчари, козари, свињари, но и селски старешини, одборници и коџобаџии. Договорите важеле до Ѓурѓовден или до следниот Митровден. На овој ден се правеле гозби за главените момоци, им се исплаќала заработувачката и се договарала работата за наредниот период.

Во некои места во Македонија Митровден е домашен празник – се очекуваат гости, се месат лебови, се коле курбан или се одржуваат панаѓури.

Со Митровден се поврзани и повеќе верувања. Марко Цепенков забележал: „Како што ќе биде денот на Митровден – топол, студен или ветровит – такви ќе бидат четириесетте денови по него.“ На друго место тој запишал дека „ако Митровден падне на новина, ќе има тешка зима“.

Свети Димитрија Солунски

Светиот великомаченик Димитрија живеел во третиот век по Христос. Роден бил во Солун како син на градоначалникот на градот. Легендата вели дека солунскиот војвода долго немал пород и по многу молитви бил даруван со машко дете, кое го воспитувал во христијанска вера.

Во тоа време овие краишта биле под власта на Римската империја со цар Максимијан, паганин кој жестоко ги прогонувал христијаните. По смртта на татко му, Димитрија бил назначен од самиот цар за градоначалник на Солун и добил наредба да биде немилосрден кон христијаните. Но Димитрија, кој и самиот бил христијанин, тајно, а потоа и јавно, го проповедал христијанството и ги охрабрувал верниците да не се откажуваат од верата дури ни по цена на животот.

Кога дознал за тоа, царот Максимијан дошол во Солун за лично да се увери. Димитрија не го негирал своето верување, па царот наредил веднаш да биде затворен. Пред апсењето, светецот го поделил целиот свој имот на сиромашните преку својот пријател Луп.

Во тоа време во Солун имало амфитеатар каде што се изведувале гладијаторски борби, а христијаните често биле фрлани на ѕверови. Особено суров бил гладијаторот Лиј, миленик на царот, кој ги измачувал и убивал христијаните.

Тогаш младиот Нестор, храбар христијанин, решил да му се спротивстави. Тој го посетил затворениот Димитрија и побарал благослов за двобојот со Лиј. Димитрија го благословил со зборовите: „Ќе го победиш Лиј, но ќе пострадаш за Христос.“ Нестор потоа го убил Лиј во борба, но по наредба на царот бил погубен, а веднаш потоа и самиот Димитрија бил убиен во затворот со копја, на 8 ноември 306 година.

Источната црква подоцна го канонизирала за светец. Неговото тело било тајно погребано во црквата што и денес го носи неговото име во Солун.

На иконите Свети Димитрија е претставен како војвода на коњ, со копје во рака, како го поразува Лиј. Тој се смета за заштитник на градот Солун и на неговите жители. Според преданието, и по смртта продолжил да прави чуда, да исцелува болни и да го брани градот од непријатели.

Црквата „Свети Димитрија“ во Солун, изградена во петтиот век, станала едно од најпосетуваните православни светилишта.

Светата црква го празнува и споменот на светиот маченик Нестор, кој со благослов на Димитрија го убил гладијаторот Лиј – на 9 ноември, ден по празникот на Свети Димитрија.