
Српскиот спортски инфлуенсер Немања Миловиќ предизвика големо внимание на социјалните мрежи со видео во кое го критикува масовното присуство на реклами за обложувалници во јавниот простор.
„Како успеавме да се навикнеме дека ова е нормално?“, гласи насловот на видеото во кое Миловиќ раскажува дека по четири месеци поминати надвор од Србија, по враќањето повторно забележал колку рекламирањето на обложувалниците е присутно на билборди, улици и други јавни површини.
Тој предупредува дека коцкањето може да создаде сериозна зависност и да има тешки последици врз поединецот и неговото семејство, поради што смета дека најмалку што може да се направи е ограничување на неговото рекламирање.
„Да не гледаме насекаде обложувалници, free spin-ови и колку пари можете да добиете за да почнете да се обложувате. Не може маркетинг за нешто на што луѓето се навлекуваат, што растура семејства и го растура човекот“, порачува Миловиќ.
Неговото видео предизвика бројни реакции. Дел од корисниците особено го проблематизираат учеството на познати спортисти во реклами за обложување.
„Најлошо од сè е што тоа го прават и нашите спортисти. Кога треба да се промовира нешто хумано, никаде никого“, гласи еден од коментарите.
Друг корисник иронично пишува: „Уште малку ќе се викаме Србија Mozzart Bet, а наставниците ќе нудат free spin-ови“, додека трет забележува: „Најмногу има обложувалници и аптеки. Мислам дека тоа многу зборува за состојбата на општеството.“
Темата што ја отвора Миловиќ е актуелна и за Скопје, каде реклами за обложувалници и игри на среќа се дел од секојдневниот урбан простор. Прашањето што останува е дали нешто што носи ризик од зависност треба да има толку силно и постојано маркетинг-присуство пред сите генерации, вклучително и пред младите.