Како татко ми со една плата успеал да изгради дом, да има за нормален живот и да биде среќен, а ние денеска со две плати едвај преживуваме

-Се ми изгледа како да не беше многу одамна. Абе како преку ноќ да се сменија работите. Сеќавањата ми се толку многу свежи, како да беше вчера. Беа убави времиња, беа убави денови. Зошто дозволивме се тоа убаво да пропадне во вода? Ама, луѓето беа среќни, се сеќавам. Иако сум бил мал, сите беа насмеани, сите имаа време за се, беа исполнети...

Не можам да кажажам дека потекнувам од богато семејство, ама времето кога растев јас имаше една средна класа. Знам дека на младите денеска не ми е позната, но ние малку повозрасните од нив, ја знаеме многу добро. Мајка ми, беше домаќинка. Таа беше задолжена за сите домашни обврски. За домот, за децата, за сопругот. Само татко ми работеше. Тој возеше камион. Дома си доаѓаше само за викенд. Ние сме три деца. Јас сум среден. Имам брат постар од мене, и сестра помала од мене. Како сега се сеќавам, секоја година на одмор, дали Грција, дали Бугарија, дали Црна Гора. Сликите во фиоката на мајка ми, се успомен и когаш не се досадни за гледање, иако ги имаме безброј пати прегледано... Одевме на одмор со автомобил. Автомобилот полн до горе. Татко ми, не мислеше дека автомобилот нема клима, и дали ќе можеме да издржиме до Црна Гора, ни ставаа пешкири на прозорците за да не, ни оди сонце... Секој година на зимување... Најчесто на Попова Шапка или Маврово... Кои доживувања. Секој викенд некаде шетање. Почнавме да раснеме. Сами одевме на одмор. Имаше пари и за нас, децата и за родителите. Се градеше куќа, се купуваше мебел... Се живееше убаво. Кој како стануваше полнолетен, полагаше за автомобил, па се расправавме, кој да му го земе на татко ми. Подоцна ни купи, еден заеднички на мене и брат ми. Брат ми запиша факултет, после него и јас, па и сестра ми... Имаше за сите, ништо не ни фалеше... Се ожени брат ми, свадба за него, и среден спрат од куќата. Се оженив неколку години после него и јас, и за мене свадба голема и друг спрат од куќата... И знаете? И денеска живеам таму, на тој ист спрат што ми го направил татко ми пред многу години. И јас имам денеска мои деца. Оваа година бевме на одмор, после четири години пауза. Не можам да соберам пари. Автомобил, немам. За луксузни работи да не зборам. А работиме двајцата и јас и сопругата. Како? Татко ми работел сам, и ништо не му фалело на неговото семејство. Ние работиме двајца, ни фали многу нешто...

Каде се сменија работите?