Како Скопје се справува со сообраќајниот метеж?

Сообраќајниот метеж е својствен за секој поголем град, каде во текот на работните денови се влева огромна бројка на луѓе кои доаѓаат со најразлична цел. Скопје е еден од тие градови, бидејќи е главен град на нашата држава, економски, индустриски и образовен центар. Од понеделник до петок, илјадници луѓе пристигнуваат во Скопје од соседните места и градови по пат на најразличен вид на транспорт за да стигнат до своето работно место, училиште, факултет или трговски центар.

Интересно е што без нив градот не би можел да функционира, а од друга страна пак, неглото зголемување на фреквенција на патиштата ја оптеретува сообраќајната мрежа. Потребни се низа мерки, за сообраќајот да се доведе во перфекција, иако ситуацијата сеуште не е на тоа ниво, Град Скопје работи на случајот, сообраќајот да се одвива непречено. Циркулацијата на градот не смее да запре. Во таа насока, покрај реконструкција на сообраќајниците и проширување на нивниот капацитет, сепак клучниот елемент за непрекинато движење и циркулирање на автомобилите е регулирање на сообраќајот. Па така, градот Скопје стана еден од првите во Југоисточна Европа, кој доби модерен и современо опремен Центар за контрола на сообраќајот. Од 2013, со сообраќајот во градот се управува од едно место. Новите технологии инсталирани на најкритичните улици низ градот, им овозможуваат на вработените во Центарот за сообраќај, да имаат прецизни информации за сообраќајот во реално време, непосредна контрола врз семафорскиот систем, визуелен контакт со главните крстосници и сообраќајници и сл.

Центарот за контрола на сообраќајот, има главна цел да го намали времето на патување од едно место до друго, со тоа што има увид во метежот кој се создава на одредено место, и може веднаш да интервенира со цел да испразни одредена сообраќајница од голем број возила. Исто така, тој има можност да им овозможи предност на возилата на јавниот превоз. Секојдневно Центарот се справува со голем број на патници кои пристигнуваат во Скопје преку главните артерии, автопатите од правец на Тетово и Куманово.

Намаленото време на чекање на крстосниците влијае да се намали загадувањето, што е дополнителен плус. Мора да се спомене и реконструкцијата на главната Железничка станица, која исто така претставува место каде се влеваат голем број на патници. Таа од скоро ќе добие проширен капацитет и ќе заличи на оние од светските метрополи. Железниците исто така беа опремени со електро-локомотиви кои исто така се мали загадувачи на околината. Дури и индивидуално, администрацијата на Град Скопје се бори со загадувањето, така што за свои потреби набави електромобил, 5 електро-скутери и 5 електро-велосипеди. Повеќе за проектите на градот и тоа како тој се справува со предизвиците на новото време и се поголемиот број на автомобили, можете да дознаете директно од градоначалникот на нашиот главен град Коце Трајановски, во ексклузивното интервју кое го даде за Скопјеинфо.