Како Скопје го решава проблемот со загадениот воздух?

Во рамките на своите надлежности повеќе институции, на локално и централно ниво, како и Градот Скопје преземаат мерки и работат на решавање на наследниот проблем со загадениот воздухот, којшто 11 години беше игнориран од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, се наведува во соопштение на СДСМ.

Од владејачката партија додаваат дека покрај мерките коишто ги преземаат институциите на централно ниво, и Градот Скопје на овој, како што велат, наследен проблем му пристапува стратешки и реализира мерки во сите области кои се детектирани дека придонесуваат во загадувањето на амбиенталниот воздух.

Во продолжение на соопштението, од СДСМ наведуваат дел од мерки преземени од градските власти во Скопје:

– Обновување на дрворедите на скопските улици, при што обновени се дрвореди и засадени се нови во Ѓорче Петров и на Бит Пазар.

– Во пролетна акција за засадување дрвја биле засадени повеќе од 6.000 нови дрвја. Во есенска акција за зазеленување на Скопје предвидено е засадување на нови 3.500.

– Во изминативе 6 месеци подигнати биле нови и реконструирани се зелени површини на над 50.000 метри квадратни. Се подговтуваат и нови големи зелени површини – нов парк позади Македонската филхармонија и нов парк – зелен кров на ГТЦ.

– Зголемен е инспекцискиот надзор на индустриските капацитети, зголемен е капацитетот на инспекциските служби кои работат во две смени и ги контролираат сите.

– Засилени се контролите на целата територија на Скопје за диви депонии.

– Формирано е новото јавно претпријатие за гасификација и проектирање на гасоводен систем. Интензивно се работи и на проширување на топловодната мрежа.

– Оваа година доделени се субвенции за граѓаните кои се греат на печки на дрво и останати течни горива, да набават печки на пелети кои загадуваат многу помалку.

– Во јавниот градски превоз беа вклучени неколку еколошки автобуси на гас кои не го загадуваат воздухот, а воведен е и електричен автобус.

– Воведени се бесплатни автобуски линии до Водно, за растеретување на сообраќајниот метеж и олеснување на пристапот за сите граѓани. Бесплатниот автобуски превоз во деновите на висока загаденост е една од мерките кои се активираат кога е потребно.

– За зголемување на енергетската ефикасност Град Скопје ги замени фасадите на 11 средни училишта, чии објекти беа детектирани како загадувачи на воздухот.

– Набавени се прочистувачи на воздухот за сите средни училишта на Град Скопје.

– Се преземаат акции за рачно миење на градските улици и булевари за намалување на прашината и ситните честички.

Презентирајќи ги овие мерки, од СДСМ велат дека тие се само дел од планот како Скопје повторно да биде чист и зелен град. Оттаму додаваат дека за две години се очекува загаденоста на воздухот да се намали за 50% во Скопје и 30-50% во другите градови.