Како скопјанецот Влатко Томовски го оствари и живее мавровскиот сон

Пространството на планината, сокриените убавини, снегот и природата биле предизвикот еден човек од урбаниот свет да се пресели и остатокот од животот да го поминува таму каде што му е најубаво. Во Маврово. Така, накратко се опишува одлуката на Влатко Томовски да ја смени адресата на живеење и од Скопје да се насели во викенд населбата Крстови 1.

Предвремена пензија за уживање во природа

Овој  педесет и тригодишник и роден Скопјанец ги менува урбаната средина и бизнисот со слободата што ја нуди природата и животот далеку од градската врева. Оние кои почесто доаѓаат на Маврово, него постојано го сретнуваат. Не само преку зима туку и низ сите годишни времиња. Влатко е своевидно заштитно лице на Маврово. Кога има снег тој е на терените за скијање, кога е сончево лета со змај, кога ќе смрзне езерото лизга по неговата површина.

Тој е првиот сноубордер на Маврово и има многу други неформални титули за „прв“ на Маврово. Роден е, се се школувал и поголем дел од животот го поминал во Скопје. Во меѓувреме како млад прошетал поголем дел од Европа и светот.  Бил сопственик на два ресторани за брза храна. Работел во Лондон, и низ Грција. Сепак, авантуристичкиот дух го вдоми под падините на Бистра.

– Одамна се имав заречено дека кога ќе наполнам 50 години ќе се повлечам од бизнисите и ќе уживам во предвремената пензија. Мене ме води едно правило, по петтата деценија човек не може да работи со исто темпо како претходно и треба да каже: доволно е постигнато. Јас тоа го направив и еве ме, жител на Маврово, таму каде што најмногу сакав и замислував, вели Влатко.

Толку многу се радувал на преселбата и од 2015-та, како што вели, се изнауживал. Прокрстарил по планинските предели, пеш, со велосипед, на скии, со параглајдер, со змеј. Допрел до речиси секое делче на Бистра. Во меѓувреме размислувал и за пополнување на слободното време. Се фатил за алатите и почнал да мајсторува.

Вила Јана, новиот дом

На местото каде се наоѓала старата викендичка со две спални соби, што ја изградил неговиот татко, денес има доградба со шест соби (студија). Има и име, „вила Јана“, по ќерката. Вели дека и таа ја има истата љубов кон планината и мавровската убавина. Во прво време не планирал да ја издава на гости, но приказната за гостопримството се проширила и сé почесто добива повици од луѓе кои сакаат да поминат некој ден на Маврово. Иако има идеални услови, Влатко е дециден дека ова не му е работа и профитот го има ставено на страна.

– Заработив доволно и не го правам ова за пари. Приказната со „Вила Јана“ не е мотивирана од профит. Ја правев да биде мое и катче за семејството. Во меѓувреме се јавуваа пријатели и други луѓе на кои им се допадна и почнав да доградувам. Би бил задоволен кога мојот пример би го следеле и други. Се докажа дека на овој крај му требаат вакви примери и вакви капцитетите.

Овој новопечен Мавровец, освен кревет и покрив над глава, на гостите им нуди поинаков начин да уживаат во Бистра и околината. Постојано изнаоѓа содржини што ќе им го направат престојот поинтересен. Зависно од физичката подготвеност на гостите, им организира тури со велосипед, кајакарење по езеро, летање со параглајдер, собирање шумски плодови, пешачење низ шумскиот крајолик и редица други активности.

– Сакам Маврово да му го приближам на посетителот онака како што јас го знам. Иако е познато по скијачкиот центар, сметам дека подеднакво е убаво и во пролет, лето и есен. Мојот приод и поинакава визија за Маврово ја делам и со неколку заљубеници во Маврово, како Димитар од СкиХат Горица и Огнен од Бистра. Некои идеи заеднички ги реализираме.

Во Маврово 44 дочеци на Нова Година

Одлуката за преселбата има историја стара повеќе од четири децении. Тогаш, всушност се родила љубовта на семејството Томовски со Маврово.

– Со Маврово нé запозна мојот татко Хари. Како дете бегалец од Грција по втората светска војна се нашол во тогашната Чехословачка. Со знаењата по статика како инженер дошол во Македонија. Како статичар за челични конструкции учествувал во многу значајни проекти. Тој работел и на изградбата стариот двосед токму на Маврово. По другарувањето со Заре Лазаревски (еден од пионерите на туризмот во Маврово) решава да направи викендичка. Во 1973 е изградена, скромна со две спални. Тогаш немало ниту вода ниту струја, но сепак ги поминувале најубавите денови, вели Влатко.

Од првиот заеднички дочек на новата година во 1974, до денес промашил само еден. Тогаш со девојката Марија (денес сопруга) дочекот на 1990 та решиле да им биде во Охрид. Па така во семјниот попис, стојат 44 дочеци во Мавврово.

– Најубаво ни е за дочек кога ќе наврне многу снег, па не мора да излегуваме во длабок снег и да шетаме. Остануваме на топло и си уживаме во дружењето.

Последниве 30 години речиси нема викенд да не дошол, најчесто со смејството, но некогаш и со пријатели.

Прв сноубордер на Маврово

Меѓу причините што го натерале Влатко да се пресели во Маврово има многу и во деновите од детството и младоста. Спомените од тие времиња само му ја потврдиле одлуката. На почетоците, престојот во Маврово, најчесто им бил заеднички со семејството, особено за зимските распусти.

Подоцна и како повозрасно момче. За да се ужива на снегот и во зимата, смислувале многу игри, па хокеј, љубовата која ја презел од неговиот татко. Неретко, целото семејство, братот, мајката и таткото лизгале по дебелиот езерски мраз и биле вистинска атракција за мештаните.

Освен што бил меѓу првите хокеари на Мавровското езеро, тој е и првиот сноубордер (скијач на даска).

– Даска за скиајње за прв пат видов во еден француски часопис во 1985 година. Првата ја направив со подлога од плекскиглас, епоксидни смоли и шпер плоча. Како везови искористив еден пар од лизгалки. Сам ја совладував техниката. Отогаш го популаризира и сурфањето по снег (snow surf), а зачетник е и на комбинацијата даска и параглајдер (snow kite surfing).

Хокејот во крвта     

Како потврда за неговиот ентузијам, придонесот во популаризирањето на Мавровоскиот ски центар, неговото постијано присуство на скијачките терени, лани доби доживотна карта за користење на жичарниците и ски лифтовите. Горд е на овој гест, бидејќи не го очекувал, а го доживува како укажана чест за љубовата која ја негува кон овој крај. Го напушта Маврово преку зима, барем два пати во неделата, заради хокејот.

Многу се израдувал кога повторно е активирано лизагалиштето во Скопје. Речиси и да не пропушта вторник и четврток кога со хокеарите на Вардар лизгаат по пакот. И оваа зима тој е на ски терените, се дружи со староседелците и дојденците. Ужива во остварениот мавровски сон.

МИА