Како се чувствувате кога на 59 степени вжештен асфалт треба да чекате неколку минути за да поминете улица?

Како се чувствувате кога на 59 степени вжештен асфалт, како пешак треба да чекате еден семафор за да поминете само половина од булеварот, а потоа да чекате уште еден семафор за да ја поминете и втората половина? - прашуваат од неформалната група „На Точак“.

„Семафорите не се неутрална технологија која ја регулира безбедноста. 
Семафорите се програмираат да одговараат на еден начин на превоз или друг, со други зборови - пристрасни се.
Во некои градови семафорите се специјално програмирани за да дадат приоритет на јавниот превоз кој се движи во засебни ленти, во други на велосипедскиот. 
Во Скопје, најголеми права имаш ако си автомобил. Системот е така програмиран за да овозможи поголем проток на возила без воопшто да ги земе предвид пешаците и велосипедите. Да, времето потребно за еден пешак со поспора брзина (повозрасен човек, лице со пречки во движењето) да премине не е воопшто параметар во системот. 
Сте приметиле некогаш дека станува црвено пред време? Или дека не се синхронизирани преминот на едната со другата половина на булеварот? Или дека ви поминува животот ако сакате дијагонално да преминете крстосница на 2 булевари? 

Еве конкретно на овој премин во близина на Буњаковец измеривме дека се потребни цели 3 минути за преминување (со вклучено чекање) да се преминат 3+3 ленти на Партизанска. Времетраењето на зеленото светло за преминување е сведено на минимум, а на црвеното за чекање на максимум. Тоа е особено недостоинствено во топлотниов бран. Пешаците, кои се најранливи, најизложени на атмосферски влијанија, мора да чекаат на асфалт жежок 59 степени за да преминат улица. Граѓаните на овој град кога се без оклопи се граѓани од втор ред! 

Што мислите, ова поттикнува или обесхрабрува пешачење? 
Кон што се стремиме?“ - отворено прашуваат „На Точак“.