„Како не ви е срам да се буните...бебиситер на саат колку ви бара?“ - дел од „твитерџии“ за поскапувањето на градинките во Центар

Од месец мај, родителите на децата кои живеат и се згрижени во градинките на територијата на општина Центар ќе плаќаат повисока цена за 47,6 отсто за месечен престој.

Цената за едно дете е повисока за 710 денари, па наместо досегашните 1.490 денари ќе изнесува 2.200 денари за месец.

Родителите реагирале на поскапувањето, но од градинките, до родителите испратиле известување: оние кои не го прифаќаат зголемувањето ќе треба да ги отпишат децата од градинка.

На социјалната мрежа „Х“ (поранешен Твитер) се отвори дебата по ова прашање, па дел од „твитерџиите“ не ги оправдуваат реакциите на родителите.

„Како не ви е срам да се буните за поскапувањето на цената за чување на вашето дете 20+ дена месечно со 3 оброци и ужинка во државните градинки! 700 денари дополнителни (тотал 2200) ви се многу а 2 пива и 2 кафиња ви се толку? А бебиситер на саат колку ви бара?“, гласи твитот на профилот „Јас“.

Надоврзувајќи се на овој „твит“, профил со име „Марија“ вели: „Арно што рече прва, ми се смачи да се расправам со недоветни. Уште на времето, мојата кога одеше пред години, мислев дека е премногу ефтино. Дома сама да го чуваш повеќе ќе потрошиш за оброци, грицки, забава“.

Во дискусијата беше направена и пресметка колку изнесувало чувањето на ден од минимум осум часа и три оброци.

„110 мкд на ден за чување мин 8 саати плус игра и храна, 3 оброци...Срамота е да се жалиш за зголемување од 1490 на 2200...“, се вели во твитот.

Други пак реагираат за тоа што некои деца се на листи за чекање со години и бидејќи не ги примаат во државна градинка, се приморани да одат во приватна и прашуваат зошто овие случаи не се субвенционираат од државата.

„А што е со тие деца кои се на листи на чекање со години и не ги примаат во државна градинка и мора да одат во приватна зошто нема друг избор? Зошто државата не субвенционира и во тој случај? Треба да се фати врски у општина за да ги примат во градинка, а во групите се 38-40 деца“, гласи друг твит.

Имаше и реакции за бројот на вработените воспитувачки.

„Јас би платила и дупло, само да вработат повеќе персонал. Во група, 30 деца, 2 воспитувачки у две смени. Како се снаоѓаат жените, не знам“, се вели во друг твит.