
Јавноста гласна, но и потресена од инцидентот во училиште во скопски Аеродром кој е пријавен во полиција. Имено, мајка на ученик нападнала наставничка за време на родителска средба. За овој случај од полицијата соопштија:
- На 15.04.2026 во 22:10 часот во СВР Скопје, К.К.Л. од Скопје пријави дека околу 17:00 часот во училница во основно училиште на подрачјето на општина Аеродром, додека заедно со нејзина колешка одржувале родителска средба, М.М.Г. од Скопје (мајка на ученик) физички ја нападнала К.К.Л..Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
„Како наставниците дозволија толку многу да им се качуваат на глава?“, „Криви се родителите!“... се дел од коментарите на јавноста која не ретко го акцентира овој проблем - врската меѓу домашното воспитување, образовниот процес и како сето тоа ќе ја гради иднината на државата.
Еве дел од реакциите на социјалните мрежи по овој случај:
- Затоа се децата невоспитани. Не слушаат што им велиш гледаат што правиш! Не знам како се дозволи ваква слобода во образовниот систем. Се произлегува од дома, па потоа во воспитно-образовните институции. Засрамота!
- Не за џабе старите велеа - Гледај го родителот и ќе знаеш какво е детето! Премногу им се дозволи на родителите да се мешаат во образовниот систем и процес на многу погрешен начин би рекла, а онаму каде тие се неопходни и можат да придонесат ги нема многу. Вака нема да имаме образование и ќе биде се полошо! Веќе нема мотив да се биде наставник оти неговиот авторитет е срозен !
- Затоа излегуваат уште од мали деликвенти, што може да бидат ако се воспитани од такви родители. До полноќ по улиците деца мали од осмолетка, дали тие родители се запрашуваат што им прават децата надвор?
- Дур им се дава секакви права на родителите да се мешаат во образовниот процес уште побетер ке биде, а замислете кој пример се за нивните деца.
- Неопходно е да се врати авторитетот и угледот на наставникот како клучен столб на образовниот процес. Почитта кон наставниците треба да биде заедничка одговорност на учениците, родителите и општеството во целина.
- Во случајов кога родителот нападнал наставник потребно е соодветно строго постапување и одговорност, со цел да се испрати јасна порака дека ваквото однесување не смее да се толерира.
- Да беше во едно минато време, ученикот ќе беше со наведната глава, а родителот ќе се срамеше од такво дете.
- Да се дозволи домашно образование! Сите незадоволни родители сами да си ги школуваат децата дома ! На крај на годината нека си полагаат испит и така сите ќе бидат среќни.
Сепак, меѓу сите овие коментари, иако точниот мотив за нападот врз наставничката во образовната институција не е познат, коментар на една корисничката на социјалните мрежи проблемот го лоцира во Министерството за образование кое го прозва да направи увид во тоа што се случува во училиштата.
- МОН не превзема никаква одговорност за училиштата, за кадарот кој работи... Како ги вработуваат, компетентни ли се, имаат ли култура. МОН со итни мерки да направи проверки како се постапува при булинг и случни ситуации, коментира таа.
Останува надлежните да го расчистат случајот, а во меѓувреме ова е уште еден аларм за поголема внимателност и одговорност при комуникацијата меѓу наставниците и родителите низ воспитно-образовните процеси.