Како ќе се премести тешката индустрија надвор од Скопје - граѓаните прашуваат дали фабриките „се на тркалца“?

-Во генералниот урбанистички план, кој се подготвува и ќе се усвојува во 2022 година, воведува хуманизација на просторот и нема да има ознака за изградба на капацитети на тешката индустрија, најави неодамна кандидатот за градоначалник на СДСМ Петре Шилегов.

-Железарница и Цементарница на пример ќе мора да се иселат и тоа е зборувано со нивниот менаџмент. Тоа ќе биде сложена операција, сериозен процес за дислокација на тие капацитети, но градот мора да се хуманизира – рече тогаш Шилегов.

На идејата за дилокација на тешката индустрија надвор од Скопје реагираат голем број граѓани.

Повеќето ја оправдуваат оваа акција во најава во име на здравјето кое е се поусловено од чистата животна средина, за каква се помалку важи Скопје.

Еве што велат граѓаните:

„Не е реално дислокација на тешката индустрија да ја направи Град Скопје без помош од владата. Градоначалник може да има желба и план и да побара од владата да се дислоцираат фабриките, ама не верувам дека Град Скопје може сам да ја изведе дислокацијата“, смета еден скопјанец.

„Баш се прашувам фабрикиве подвижни се (на тркалца) или.....Инаку Железара е долга и широка точно колку една средна населба во Гази Баба“, пишува друг жител на Скопје.

„Кој сака нека ја дислоцира Железара, Цементара, разните погони во МЗТ... Ова веќе мора да биде натпартиски приоритет. Крајно време е да се сфати дека здравата животната средина и здравјето се неспоредливи со материјалното“, гласи коментар на друг граѓанин.

„Еден металуршки комбинат како Железара да се направи нов некаде ќе чини неколку милијарди евра !!! Кој ќе го плати тоа? Да , здравјето е поважно, ама од таа Железара леб јадат преку 3000 работници. На ова додај по 3ца од семесјство....на ова додај уште по 4ца од кооперантски фирми за храна, облека , делови.....Не летајте толку високо со очекувањата“, порачува еден граѓанин.

„ Кога тогаш мора да дојде на ред и ова прашање. Чини многу пари, но еднаш мора да се реши. Тешка загадувачка индустрија во градска средина е недозволиво. Човечкиот живот нема цена. Следно треба да се решава загревањето на домовите исто така и на индустријата. Само 21% од скопските домаќинства се приклучени на централното, градско греење. 45% го користат дрвото како примарно средство за загревање. Во скопските населби Петровец, Сопиште, Шуто Оризари, Сарај, Арачиново и Чучер Сандево нема ниту едно домаќинство поврзано на градското греење, односно, мрежата на топлификација вооппто не стига до овие граѓани. Аеродром, Центар и Карпош се општините кои имаат најголем процент домаќинства поврзани на градското парно, а со тоа и најмал процент на домаќинства кои се греат на дрва. Во општините како Ѓорче Петров, Кисела Вода, Чаир, Бутел и Гази Баба, има приклучени граѓани на градската топлификациска мрежа, но тој процент не надминува 18%. Забележително е со почетокот на грејната сезона како веднаш нашата општина смрди на чад и параметрите на загадување растат“, вели жител на Гази Баба.