Како ќе изгледа Скопје ако новиот градоначалник ги исполни сите ветувања?

Новоизбраниот градоначалник има мошне амбициозна програма што треба да ја спроведе со буџет од околу 75 милиони евра годишно, односно 20 милиони за инвестиции.

Зелени ѕидови на зградите како надомест за загубеното зеленило, субвенции за зелени покриви, садници за секој нов стан и парк на покривот на ГТЦ. Ова се само дел од ветувањата што во својата програма на 44 страници ги објави Петре Шилегов, кој победи во првиот круг во трката за градоначалник на Скопје. Ако успее да го исполни сето тоа што го ветил со 300 милиони евра (градот годишно има на располагање околу 75 милиони евра според завршната сметка) Скопје би било многу различно од денес. Поточно со 80 милиони евра, бидејќи од годишниот буџет само дваесетина милиони се за капитални инвестиции, другите се за плати и за други редовни трошоци.

Со тие пари Шилегов треба да купи и прочистувачи на воздухот какви што има во Пекинг, и чија изработка чини околу милион евра за еден. Освен тоа, треба да спроведе гасификација, да поттикне употреба на геотермални пумпи и на соларни панели и да воведе други мерки за почиста енергија, со што дополнително би го прочистил воздухот.

ТУНЕЛ ПОД КАЛЕ И ОБЕДИНЕТА ЈУГОСЛАВИЈА

Во својата програма Шилегов предвидува и голем број зафати во сообраќајната инфраструктура, како на пример пробивање тунел под Калето со што би се создала врска меѓу булеварите „Климент Охридски“ и „Никола Карев“, попознат како „пластичарска улица“. Таа улица, пак, треба да се прошири до својот крај во Момин Поток и со тоа да се заокружи планот за северниот булевар на Скопје.

Ова се проекти што уште одамна биле планирани, но досега не се остварени, а тоа го нагласува и самиот Шилегов. Други такви примери се реконструкција на крстосницата кај трговскиот центар „Мавровка“, со што таа би станала клучка на две нивоа, како и пробивањето на булеварот „Илинден“ со нов мост преку Вардар до општината Ѓорче Петров, поточно до Ново Село и Кисела Јабука, а оттаму таа треба да се поврзе со скопската обиколница.

Со сообраќајните решенија донесени уште во 1960-тите години било предвидено во Скопје да се направи булеварски прстен кој ќе ги носи имињата на сите поранешни југословенски републики. Досега се направени булеварите „Србија“, „Босна и Херцеговина“ и „Словенија“, како и многу мал дел од булеварот „Македонија“ (Јужен булевар), зад Старата железничка станица. Шилегов предвидува доградба на „Словенија“ и на „Босна и Херцеговина“, како и пробивање на нов булевар „Хрватска“ од Бутел до Автокоманда.

Планира и нова улица меѓу Аеродром и Кисела Вода, под пругата што ги дели овие две општини.

ПЕШАЧКИ „РЕКОРД“, ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ И ЗАБРАНА ЗА КОМБИЊА

Како кандидат, новоизбраниот градоначалник ветуваше и подобрување на условите за пешаците и за велосипедистите. Меѓу другите проекти што ги предвидув се натпатник кај „Алкалоид“ и пешачки мост преку Вардар меѓу Аеродром и Керамидница.

Најавува понатамошен развој за велосипедската мрежа, рампи за велосипеди до јавните простори, вело паркинзи, и субвенции за купување велосипед.

Една од поважните одлуки што планира да ги донесе е да го направи Малиот ринг, строгиот центар, пешачка зона, каде што ќе се дозволи да поминува само јавниот превоз. Исто така, планира возилата за дистрибуција на стоки да може да сообраќаат само по работното време, за да не го зголемуваат метежот.

Автобусите, пак, ќе бидат електрични и ќе возат по посебни ленти за нив (досега сите го најавуваа ова, никој не успеа да го спроведе), а старите дизел-автобуси ќе бидат префрлени на гас. Јавните паркинзи ќе се управуваат електронски, за граѓаните да знаат каде има место.

Луѓето од другите градови ќе имаат можност бесплатно да ги остават своите автомобили на посебни паркиралишта на влезовите од Скопје, а оттаму да продолжат со јавниот превоз.

РЕКРЕАЦИЈА ПОКРАЈ СЕРАВА И ЛЕПЕНЕЦ

За рекреација на граѓаните се предвидува не само доуредување на коритото на Вардар, туку и изградба на зелен коридор покрај реките Серава и Лепенец, со пешачки и со велосипедски патеки.

Шилегов најавува и ревитализација на езерото Треска, уште еден проект што се обидоа да го спроведат сите досегашни градоначалници, но безуспешно.

Во програмата вели дека ќе ги направи парковите побезбедни за децата, а ќе изгради и нови јавни тоалети и ќе ги реконструира старите.

Ветува и дека ќе го уреди просторот околу аквадуктот, за и тој да стане место за рекреација.

ШУМА НА ВОДНО И ВАРДАР БЕЗ ФЕКАЛИИ

Во програмата на Шилегов се предвидуваат повеќе проекти за дополнителна заштита на животната средина, гасификација, сончеви панели, термални пумпи, нов третман на комуналниот отпа и други. Се планира и ново пошумување на Водно и попис на сите дрвја во градот, со што би се создал регистар на зеленилото.

Најавува и доизградба на канализацијата, особено на атмосферската, како и изградба на пречистителна станица што ќе ги преработува отпадните води, наместо фекалиите да се излеваат во Вардар (овој проект се проценува дека би чинел околу 120 милиони евра).

Понатаму, предвидува решавање на бучавата од ноќните клубови со компромис меѓу станарите, посетителите и угостителите, или со преместување на објектите настрана од населените места.

КЛУПИ СО ИНТЕРНЕТ, НЕЛИЗГАВИ ПЕШАЧКИ ПРЕМИНИ И ДВЕ НОВИ ГИМНАЗИИ

Шилегов најавува и дека лентите на улиците ќе се обележуваат со нелизгав материјал, по примерот на европските метрополи. Исто така, планира да постави т.н. паметни клупи, со бесплатен безжичен интернет и со сончеви панели од кои ќе може да се полнат  за полнење струја.

Во неговата програма се предвидуваат две нови гимназии, како и делење овошје за сите во училиштата.

Исто така, ветува дека ќе го затвори „Вардариште“ и ќе направи нов стационар за улични животни. Планира и ново прифатилиште за бездомници.