Како ќе изгледа новата зграда на Општина Аеродром?

Пристигнаа вкупно 22 идејни решенија за проектирање управна зграда на Општина Аеродром по објавениот анонимен конкурс. Оценувањето на трудовите ќе го врши стручно жири, а Општината ќе додели и парични награди за трите најдобри идејни решенија за нова општинска зграда, и тоа 300 000, 100 000 и 50 000 денари, се вели во соопштението на Општината.

Право на учество на конкурсот имаа правни и физички лица од областа на архитектурата, а покрај задолжителните критериуми за проектирање соодветни работни простории, како и простории за прием на граѓани, во конкурсот се бараше да се предвидат и современи технологии на градење со материјали и решенија што ќе овозможат висок степен на енергетска ефикасност. Со изградбата на општинската зграда ќе се создаде можност за поефикасна соработка со граѓаните и ќе се рационализираат издатоците од буџетот на Општината, известува Општина Аеродром.