„Како кај лихвар никој не земал позајмица на туѓо име и како баш кај брзите кредити ова се случува“ - Ина Многуфина со реакција за овој вид на криминал

Вчера МВР со јавноста сподели дека била уапсени две девојки од Куманово, кои на туѓо име земале брзи кредити, при што измамиле 19 лица и се стекнале со противправна имотна корист од 10.820.000 денари.

Исто така, денеска беше споделена веста дека Обвинителството поднело обвиненија против шест лица кои се товарат дека организирано фалсификувале исправи, злоупотребувале лични податоци и подигнувале брзи кредити на туѓо име, со што незаконски прибавиле повеќе од 3.1 милиони денари. 

Во врска со овие случаи, денеска со став излезе и познатата инфлуенсерка Ина Многуфина, која вели дека надлежните не сфаќале дека нешто треба да се превземе околу овој вид на криминал.

Таа направи и една иронична споредба, каде вели дека ниту во банка може да се земе кредит на туѓо име, ниту кај локален лихвар може да се земе позајмица на таков начин, но за разлика од тоа, кај брзите кредити може.

„Упорно фаќаат злоупотреби со брзи кредити и не сфаќаат дека треба нешто да се превземе околу тој криминал. Сега, се здружиле некои, голема екипа 33 луѓе, како се договориле не знам, ние три другарки две недели договараме термин за ручек. И добро, се собрале, земале лик од Фонд за здравство што им вадел единствен здравствен број и практично злоупотребувале податоци. Значи утре може да се разбудам јас, ти, мајка ти, татко ти, сите со по еден брз кредит кој треба да го враќаме. Како тоа у банка никад никој не земал кредит на туѓо име? Како тоа кај локал лихвар никој нема земено позајмица на друго име? Се знае, кој зима тој се вози на крај у гепек. Како баш кај брзи кредити све ова се дешава и баш никој не ги затвара нив туку се ловат ојле дојле две кумановки и така нешо...“, гласи статусот на Ина Многуфина.