Како изгледаат 5 минути во главата на една мајка?

Колку е часот? Кој ден е денес? Оф, како би поспала уште малку. Зошто барем еднаш не би можела да останам цел ден во кревет? Какви Кариби, тоа би бил најдобар одмор. Кревет, сладолед и филмови. И чоколадо. И вино. Леле Боже, никогаш нема да ослабам. Можеби треба да преминам на Хроно. Е тоа би бил предизвик.

Леле, што се караат па сега? Пак го нашле моето руменило! Во соба преполна со играчки кои ги платив ѓавол и пол, тие се тепаат за моето руменил! А кога сме кај играчките, не би било лошо да ги исперам овие плишаните. Којзнае на кои сѐ места биле тие играчки.

Леле колку работа имам денес. Не сум одговорила на повиците и пораките од вчера. Луѓето сигурно си мислат дека сум невоспитана. Морам подобро да се организирам. Морам да ја организирам целата куќа. Оваа соба е хаос. Некаде прочитав дека спалната соба е одраз на бракот. Боже, се надевам дека  тоа не е точно.

Морам да воведам млку ред. Барем да ја тргнам облекава. Но, прво да ги извадам работите од машината за перење. Цццц, па пола од овие работи веќе им се мали. Што ќе правам со нив? А да имаме уште едно дете? Мислам дека уште не сум завршила со тоа. Мислам и овака сум на работ на нервите, но некако како да не сум завршила.

Би требало да им дадам некое овошје пред доручек. Јагоди. Штета што не се органски. Па подобро е да јадат што било освен неоргански јагоди. Како отров да им давам.

Треба да го исчистам и фрижидерот. И замрзнувачот. Колку храна фрламе... Што да направам за ручек? Цело време едното исто. А ќофтиња? Тоа никој не го јаде. Или некој макарони? Тоа јадеа вчера. Со она сирењето би можела да направам пита. Ама немам кори. Ма, ќе им порачам пица. Три дена готвев, можам еден ден и да одморам.

Не знам зошто не можам да бидам како мојата золва. Таа е толку организирана. Сѐ е беспрекорно на свое место. Не знам како ѝ оди тоа од рака. Мојата куќа личи на некој аутлет во трговски центар за време на попусти. Треба да направам една генералка. Но, прво морам да купам лимонтус. И да ја фрлам онаа агресивна хемија, којзнае како влијае на децата. Ако некогаш нешто им фали, јас ќе бидам виновна, затоа што ги користам отровиве.

Ок, ако не станам во секундава, ќе задоцнам. Леле ќе треба и бензин да ставам во автомобилот. Зошто секогаш чекам до последно? Затоа што секогаш трчам да стигнам дома.

Ете ги, сакаат доручек. А зошто не го слушам бебето? Дали е сѐ во ред? Дали вчера се будеше? Не можам да се сетам. Леле, леле, што ако влезам таму и...  Оф, еве го, се дере. Зошто не си поспа уште малку?