Како ги губиме нашите пријатели?

Пријателите се губат кога се украдени од жените (последен пат ги видовме на нивната ергенска вечер), работата ги краде, годините ги крадат, времето, смртта ги краде, негови други, странски држави ги крадат, нивните деца ги крадат, нивното име во весниците, нивното лице на телевизија, нашите зборови за нив пренесени од трет пријател исто така ги крадат од нас.

Панично одржуваме некакви климави пријателства, криејќи ја сопствената слабост и стравот да бидеме сами. Најголемиот број од нашите пријателства се некаков вид на беден договор со совеста, бегство од самотијата.

Колку само им завидувам на пријателствата кои траат 50 години! Колку само биле потребни љубов, трпение, помирување со грешките, прифаќање на слабости. Колку итроштини биле потребни за да се украде време од работа, амбиции, семејство и попладневен сон, колку многу разбирања за да се одржат тие слаби, кревки билки на пријателството меѓу двајца старци кои повеќе од еден човечки животен век се среќаваат напладне во „Мажестик“ и тоа после сите добри и лоши години!

Двајца старци, напладне во „Мажестик“ – две, преку ноќ остарени, деца кои познаат некои само за нив познати премини кон забранетите врати кои повеќе ги нема, дупките во оградите и таинствените тунели во градините и дворовите, сега, после сѐ, сѐ уште секојдневно се дружат напладне: еднаш едниот го плаќа кафето, следниот пат другиот го прави тоа.

Интересно е тоа што за крај на некое пријателство секогаш ги обвинуваме другите, никогаш себеси. Ретко кој си мисли за себе дека можеби има тежок карактер или наклонетост кон нови пријателства. Што се однесува до мене, старите пријатели ми се вистински скапоцености во животот. Секако, како и сите други, создавам нови познанства, но пред сѐ ги чувам пријателствата со оние кои ме помнат додека сѐ уште имав темна коса и бев доста привлечен кон лудории.

Момо Капор