Како е да се биде жена зависна од секс и кои се погрешните сфаќања за оваа состојба?

За едни, честото менување партнери, долгото време поминато во сексуална активност, следење порнографски содржини и читање еротски приказни е начин на достигнување сексуална слобода, додека за други е нешто сосема трето. Всушност, често жените кои се зависни од секс, со тоа се обидуваат да надминат или да заборават на некој постоечки проблем од реалноста. На тој начин, забораваат дека се немоќни пред предизвикот и компензираат со сексуалната моќ.

Многу жени чувствуваат особено задоволство доколку наместо да се дружат со пријателите, изберат да се затворат во темна соба со новиот партнер или пак, самозадоволувајќи се. Тие се свесни за своето ризично однесување, особено доколку не користат заштита иако менуваат партнери, но чувството е предобро за да не се впуштат во него.

Жените можат да бидат подеднакво зависни од секс како и мажите

Сексуалната зависност некогаш беше табу-тема, резервирана за припадниците на машкиот пол, а поради тоа жените често се срамеле од својата сексуалност. Дури и во медиумите и популарната култура мажите се оние кои се опишани како сексуални предатори, а жените како жртви, иако во реалноста ситуацијата е далеку поинаква.

Без разлика на тоа што е 2018 година, во општеството уште важи идејата дека жената не треба да се истакнува со своите сексуални желби и нагони, бидејќи тоа е срамота. Затоа и многу од оние кои сфатиле дека се зависни од секс се срамат и се плашат да признаат што им се случува. Дополнителна тежина на ваквата ситуација додава и тоа што овие жени често се етикетирани со најразлични епитети, кои воопшто не го опишуваат она што навистина се. За да се надмине тоа, треба да помине многу време и да се вложи голем труд за да се промени менталниот склоп на луѓето заробени во општествените стеги.

Како е да се биде жена зависна од секс и кои сè сфаќања околу тоа се погрешни?

Едно од честите, но сосема погрешни сфаќања е дека жените зависнички од секс во минатото поминале низ некоја траума. Иако за одреден дел важи ова тврдење, постои и доволно голема група која немала такво искуство, но сепак покажува вакво однесување.

Тешко е да се дефинира зависноста од секс

За разлика од останатите зависности, за оваа не е потребна апстиненција за да може да се надмине. Решението најчесто лежи во наоѓање постојан партнер, без сексот да се користи во деструктивна насока. Но, доста често се појавува и спротивен проблем – од страв да не се вратат на старите навики, сосема се изолираат од сексот и започнуваат со апстиненција која може да трае со години.

Иако на прв поглед се чини дека се оградиле од постоечкиот проблем, тие всушност влегуваат во сосема нов, а решението за тоа е да се најде начин да се воведе здрав сексуален живот, наместо целосно да се исклучи. Токму овој баланс е и најтешкиот дел кога се во прашање зависничките од сексот. Најважно е да се сфати дека не е желбата за секс таа што е проблем, туку ризичното однесување кое ја става жената во ризик за сексуално преносливи зарази или несакана бременост.

Исто така, важно е да се знае дека кај секоја личност причините можат да бидат различни, исто како и манифестацијата. Најважен чекор е токму оној првиот – да се признае дека постои проблем, да се дефинира и потоа да се најде решение за него. Одрекувањето дека постои само ја отежнува ситуацијата и го прави барањето помош уште покомплицирано.

Кој може да помогне?

Постојат многу психотерапевти кои се занимаваат со разни видови зависност, па така и со сексуалната. Неретко личноста може да успее и сама да го надмине проблемот, особено ако запознае личност во која ќе се вљуби и со која ќе има стабилна врска. Но, доколку ваквото однесување продолжи и станува сè поризично, стручната помош е повеќе од неопходна.

Третманот е индивидуален кај секоја личност која се соочува со ваков проблем, а терапевтот има задача да ја пронајде шемата која ги предизвикува овие проблеми и да се обиде да помогне најмногу што може во надминувањето.

Закрепнувањето може да биде долготраен процес

Слично како и другите зависности, решавањето на проблемот може да биде долготрајно, но она што е сигурно е дека кога ќе се надмине, тогаш и самата личност помалку ќе се изложува на ризично однесување. Но, чекор по чекор, овие жени учат да ги лоцираат чувствата кои го предизвикуваат проблемот, а потоа и да се соочуваат со нив, што вклучува дури и искажување на емоции, наместо нивно затрупување во себе.