Како да сфатиш дека ова повеќе не е љубов?

За љубовта се напишани многу книги. Се пишува и денес, а ќе се пишува и во иднина, но некако многу лесно се преминува преку другата страна на медалот – рамнодушноста. Често не се забележува или се меша со други работи. Рускиот психолог Ана Кирјанова, прецизно опишала како да се разликува љубовта од рамнодушноста.

Не е љубов – не пречи! Не зборувај, не се смеј, не барај прегратка. Немој да зборуваш за своите грижи – тоа се глупости. Немој да бараш ништо, мораш да сфатиш дека моментално ситуацијата е тешка. И всушност што сакаш? Немој да сметаш на помош, човек мора сам да се снајде. А 35 веќе е старост? И како тоа изгледаш на тие години?

Не е љубов кога не те навредуваат ама истовремено и не те фалат. Не те забележуваат. Љубовта ја нема кога ти е непријатно да јадеш со саканата личност, затоа што ќе каже дека многу јадеш. А кога ќе зготвиш нешто, ќе го изеде и нема да каже ништо. И нема да го забележи твојот труд кога ќе украсиш и ќе ставиш цвеќе во вазната.

Не е љубов кога не чини што и да направиш: нервираш, пречиш, се мешаш, зборуваш глупости, замараш. Седи мирно во аголот и чекај да те однесат на прошетка. И не кукај, не цвили, не викај – тивко седи и чекај. Кога не ти помагаат, туку велат: Тоа е твоја вина – тука љубов нема.

Кога ништо не ти подаруваат, значи дека не те сакаат. Кога не сакаат ни денар да дадат за тебе – не те сакаат. Тоа не е омраза. Тоа понекогаш е и полошо – затоа што можат и од завист да те мразат, да речеме. И тогаш можеш да си заминеш или да возвратиш. Но, кога не те сакаат поради рамнодушност, не можеш ништо, иако велат: Да, те сакам, само остави, пак ти си го тераш она твоето! Тоа не е љубов. Од нељубов се умира. Особено постари, деца и кучиња. И возрасни, ако се беспомошни и чувствителни. 

Нељубовта го прави човек плашлив, неспретен, осуетен и грд. Цело време се плаши нешто да не расипе, да не смета, да не изнервира. Тука ништо не можеш. Освен... ако имаш сила – оди си, дури и така, без ништо и никој. Или барем јасно сфати дека тука љубов нема – тоа е нељубов.