Како да се вратите на патот исполнет со среќа?

Уште од мали нозе слушаме за тоа дека секој си ја крои сопствената среќа. И кога сме деца, тоа донекаде ни е јасно, затоа што сме деца и имаме време за себе. Насекаде наоѓаме инспирација. Но, како што растеме се преселуваме во светот на возрасните. И забораваме да бидеме деца.

Сѐ се сведува на трка по пари, статус, престиж и натпревар меѓу луѓето. И така почнуваме да ја ставаме среќата во заден план. И одеднаш се присетуваме на речениците кои и самите им ги кажуваме на други луѓе. Но, кога некој ќе нѐ праша како да ја постигнеме среќата, немаме некој конкретен одговор, затоа што и самите ние понекогаш сме изгубени во таа маркетиншка трка и сме заборавиле на тоа што е среќа.

Среќата не е само минлив момент. Среќата е долгорочна состојба на умот, духот и телото, т.е енергијата со која сме опкружени. Кога ќе пораснеме и целосно ќе се отуѓиме од себе, може да ни се случи да сфатиме дека среќата и не е тоа што сме мислеле дека е. Дека среќата не лежи во парите, новиот автомобил, викендицата и слични работи. Воглавно, кога ќе се најдеме во таква ситуација, за да прогледаме, за да можеме навистина да почувствуваме среќа, треба да се движиме полека. Чекор по чекор.

Прва работа која може да ни помогне е да се присетиме што навистина сакаме да правиме во животот и да почнеме тоа да го правиме и полека да се враќаме назад во сопствениот живот. Некој сака да слуша музика, но нема време. Некој сака да чита книги, но сѐ нешто е зафатен. Некој сака да патува, итн. И затоа, треба да се присетиме што сакаме да правиме и да почнеме да ги правиме тие работи. На тој начин, во својот ум, дух и тело ја враќаме енергијата која сме ја изгубиле. А сѐ е полесно кога ќе почнеме позитивно да размислуваме.

Вложувањето во личниот развој е клучен за среќата. Тоа е работа како и сѐ останато. И за тоа е потребен труд. Жално е што денес луѓето мислат дека тоа долготрајно чувство на среќа и исполнетост може да се постигне без работа на себе. Но, тоа не е така.

Кога ќе почнеме да ги правиме работите на кои сме заборавиле, во нашиот живот почнуваат да се случуваат убави работи кои не сме ни забележиле дека ги снемало од нашиот живот и така нашиот живот почнува да се менува. Новите работи, кои всушност се стари работи, кои не сме ги користеле, почнуваат да не инспирираат да продолжиме да работиме на себе. За да искусиме нови и посреќни искуства, треба да ги промениме сегашните искуства кои не ни одговараат. Не треба да брзаме, тоа е процес кој се одвива во неколку етапи.

Втора важна работа е да се сакате себеси повеќе. Луѓето кои чувствуваат љубов кон самите себе, не дозволуваат среќата да им се излизга од раце. Љубовта кон самите себе може да ја зацврстите преку чувствување на сопствената вредност. Тоа значи, кога сме горди на себе, треба да го почувствуваме тоа, да го споделиме со другите, да бидеме едно со тоа чувство. Искреноста е исто така важен дел од среќата. Нема поубаво од чувството кога знаеш дека кон сите си бил искрен и фер. Љубезноста е уште еден многу важен параметар за среќата. Внесете љубезност во својот живот, затоа што љубезноста навистина отвора многу врати, како и насмевката.

Со мали чекори треба да тргнете во потрага по среќата за која сметате дека сте ја изгубиле. Тоа е едно прекрасно патување при кое ќе откриете квалитетни и позитивни чувства. Почнете да ги правите работите што ги сакате и вдишете длабоко. Не утре, не за една недела, туку баш денес и така сигурно ќе зачекорите на патот кон посреќен живот исполнет со прекрасни чувства.