Како да одберете добра и ефикасна маска против загадениот воздух?

Скопје, Тетово и Битола се меѓу најзагадените градови во Македонија и во Европа, а со оглед на тоа дека никој не презема некакви конкретни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, многу луѓе се одлучуваат да купат и да носат маска за да се заштитат од загадувањето.

Сепак, при изборот на маски има различни модели, па решивме да направиме мал водич за тоа како да ја одберете вистинската маска.

Според експертите, маските се корисни ако имаат суб-микронски филтри кои ги задржуваат малите честички, а важно е и перфектно да лежат на лицето за да спречуваат влегување на воздух од страна.

Хенри Кол, основачот на компанијата што ги произведува Respro маските за Guardian вели дека опасноста од загадениот воздух не се чувствува веднаш, туку доаѓа од кумулативниот ефект на сите тие честички. Според него, предолгата изложеност на штетните честички може да доведе до сериозни респираторни проблеми.

Хируршките маски немаат речиси никаква заштита од загадувањето!

Една важна работа што треба да се знае е дека обичните хируршки маски немаат никаква заштитна функција против загадувањето. Тие не се доволно цврсто залепени за лицето, па воздухот влегува од сите страни, а нивната примарна функција е да го заштитат пациентот од евентуалните бактерии на хирургот.

Освен што треба да се бара маска што добро го покрива пределот околу носот и устата, важно е да се проверат и ознаките што ги има на самата маска.

Така на пример маските со ознака N95 заштитуваат од 95 проценти од честичките во воздухот, N99 заштитуваат од 99 проценти од честичките, додека N100 штитат од 99,97 проценти од честичките во воздухот. Сите овие маски штитат од честички, но не ги елиминираат мирисите на издувните гасови.

Различните маски имаат и различни типови на филтри кои траат од неколку часа, па до неколку месеци активно користење. Во секој случај важно е да се инвестира во квалитетна заштита, дури и ако треба да се плати малку повеќе, а ако е потребно во старт набавете повеќе заменливи филтри.

Кајгана.мк