Како да израснете среќни деца?

Среќата на детето е секогаш на врвот на приоритети на секој родител. Има начини како да го развивате и негувате позитивниот поглед на светот кај децата. Џојс Нолан Харисон, психијатар специјализиран за работа со деца и адолесценти, вели дека секој ден треба да поминувате време такашто детето ќе се чувствува како центар на светот.

Тоа нека биде време само за вас, без надворешни влијанија, без телефони, без одговарање на мејлови. Подарете му го на детето вашето целосно внимание, тоа нека одбере што сака да правите заедно, играјте ги неговите омилени игри, без вие да се мешате во тоа. А по некое време, ќе видите дека никогаш не е доста од тие игри. Ако имате повеќе деца, посветете внимание на секое од нив одделно. Комбинирајте време за играње, само ако тие го посакаат тоа.

Секако, има и одредени работи на кои морате да ги научите:

Научете ги дека и неуспехот е дел од животот. Ова најверојатно е една од најтешките задачи за родителите. Но, морате да го оставите детето да греши и да учи од тие грешки. Тоа е единствениот начин како подобро да се подготват за животот. Ако вашето дете постојано ја заборава опремата за физичко или ликовно, не трчајте во училиште за да му ја носите. Ако не се согласува со некој од другарите од одделение, оставете го само да си ги реши тие работи. Финтата е во тоа да бидете доволно далеку, такашто детето само ќе научи да се бори за себе, но ќе бидете и доволно близу за да му подадете рака тогаш кога ќе му биде неопходна помош.

Фалете ги, но на правилен начин. Ако детето добие 5 на тестот по математика, важно е да му кажете дека сте горди, но уште поважно е да истакнете дека сте горди на трудот кој бил вложен, а не поради самата петка. Фалете го детето за вложениот труд, а не поради резултатот. Во спротивно може да се случи детето да стане несигурно, затоа што секогаш ќе мисли дека ве разочарало само затоа што добило лоша оцена.

Не го споредувајте вашето дете со другите деца. Ако детето се однесува лошо, нема никаква смисла да му велите дека Петко на комшиката Маре е многу подобар и дека прекрасно се однесува. Наместо тоа, објаснете му, на начин прилагоден за неговата возраст, зошто тоа однесување е лошо, без да ги споменувате сите деца што ги знаете.

Научете ги да бидат благодарни. Но, не само за материјалните работи. Нека ви стане навика пред спиење да зборувате за работите кои му го разубавиле денот. На пример, секој ден нека набројува по две или три работи кои го израдувале во текот на денот.

Не се трудете да ги сокриете негативните работи од детето. Иако секој родител сака да ги заштити своите деца, морате да ги подготвите на тоа дека во животот ќе се сретнуваат и со неубави работи. Позитивните приказни се одлични, но некои негативни примери можат да бидат и покорисни, затоа што го учат детето како да ги надмине тешкотиите.