Како да го вратиме памукот на македонските ниви?

Цената на памукот на светските берзи благо но континуирано расте. Оваа индустриска култура е се побарана на глобалниот пазар. Производството на памук е важно за развојот на текстилната и маслодајната индустрија.

Од неговото семе се прави квалитетно масло за човечка исхрана, а коспето се користи за сточна исхрана.

Може ли оваа индустриска култура повторно да заживее на макдонските ниви? Во Македонија интензивно почнува да се одгледува во периодот по Втората светска војна. Така во 1948 година во земјава имало 16.000 хектари со памук. Во доцните 60-ти и почетокот на 70-тите години на 20-от век, површините се намалиле на околу 10.000 хектари на кои се произведуваше 7.700 тони суров памук. Според агрономите Македонија има услови за повторно да го врати производството на памук.

Реони каде во минатото се одгледуваше и се уште може да се одгледува памукот во Македонија се по долината на реката Вардар, Црна Река (реоните на Велес, Неготино, Кавадарци, Струмица, Богданци и Валандово) и Брегалница (реоните на Штип и Кочани).

Во овие делови на Македонија има почвени а особено климатски услови за негово успешно одгледување, како и системи за наводнување.

Факт е дека некогашните површини на кои се одгледуваше памук сега се преорентирани кон други доходовни и пазарно јасно ориентирани култури (праски и градинарство во Росоманско, градинарство на отворено и пластеници во Струмичко), затоа производството на памук би требало да се одвива на површини кои се плодни, но немаат доволно системи за наводнување и каде доминира пченицата.

Треба да се напомене дека и во времето кога годишното производство беше максимално (околу 15000 тони суров памук односно 4-5000 тони влакно), добиеното производство во тогашниот период не беше доволно за да се задоволат потребите за памук на домашните (македонските) предилници за памук.

Памукот отвора можност за плодоред и овозможува подобро искористување на капацитетите на постојната базична текстилна индустрија и особено за индустријата за масло, а куспето би се користело за сточна исхрана. Исто така во блиска перспектива се очекува и намалување или укинување на субвенционирањето на производството на тутун, како резултат од активностите на Светската здравствена организација. Ќе биде потребно да се извршува преорентација од производство на тутун кон други земјоделски култури, а памукот би бил една од тие култури. Во Грција производителите на крупнолисни тутуни веќе се преорентираа кон производство на памук, како резултат од претходно наведените ограничувачки фактори.

Домашното производство добредојдено за текстилната индустрија Домашното производство на памук ќе ја направи текстилната индустрија поконкурентна. Од оваа индустрија коментираат дека за почеток на ова производство потребно е да се рестартираат некогашните фабрики за памук.

Клучно за враќање на памукот на македонските ниви се субвенциите, кои сега за оваа култура ги нема. Според пресметките субвенциите за минимум површина од 0,5 ха, да бидат  21.000 ден/ха, за површини од 1 ха до 10 ха 100%, а да се намалува со зголемување на пријавените површини.  Истовремено потребни се и субвенции за воведување нови производствени технолгии, механизација, производство на сертифицирано семе, инвестиции во капацитети. Инаку во Европската унија, памукот се произведува само во три земји на површина од околу 300 000 ха. Грција е главен производител на памук, со 80 % од површините во Европа под памук. Во ЕУ, памукот учествува со 9,1 % од финалниот земјоделски аутпут.