Како да бидеш понежна кон себеси?

Наутро кога ќе се разбудиш, биди нежна кон себеси. Пробај да го пронајдеш оној зачин, нешто како цимет, со кој се послужиш. Да, светот е суров, ќе ти истури пепел врз глава додека да трепнеш. Додека одиш накај работа, не размислувај за тоа што не си го направила и каде си погрешила. Размислувај за она што навистина си го направила. А некоја љубезна реченица што си ја разменила со добра личност. За што и да било, дури и да е најмала ситница, за нешто убаво што се случило. Има многу такви работи. Има луѓе кои секогаш ќе те потсетуваат на работите кои погрешно си ги направила, но тие не се важни. 

Додека си на работа, не си губи време обидувајќи се да ги достигнеш целите на другите луѓе. Не сме родени сите за исти работи. И најдобрите не се секогаш најдобри. Наместо да учествуваш во бесмислени трки, најди си некое свое мото од типот: „Потешко е да се победиш себеси отколку другите луѓе.“

Кога ќе дојдеш дома, без оглед на тоа дали те чека некој или не, не трчи, не брзај, не летај. Диши, прегрни, сослушај, излези, лежи, седни. Ниту една куќа не се срушила поради прашината, никој не умрел бидејќи со ручекот немало и супа, а сите биле посреќни поради прегратките. 

Најди време за себеси, измисли го ако треба. Време за себеси не мора да значи дека е време во кое мораш да бидеш сама. Тоа може да биде и времето поминато со детето, партнерот, со други луѓе, време кое пребавно поминува, време кое пребргу поминува, нека биде какво било време – но нека биде време во кое не мораш ништо да правиш. Нека биде време кое ти годи. 

Пред да си легнеш, погледни се во огледало, збогувај се со тагата која те поздравува од огледалото, намачкај се со омилената крема и легни си. Знаеш и сама, кога ќе легнеш, тогаш те стигнува сето она што спие додека ти си будна. Па барем дочекај сѐ во голем стил. Не мораш секој ден да бидеш среќна. Ни најдобра. Не мораш секој ден да бидеш на највисоко ниво, ниту пак на висината на туѓите очекувања. 

Не мораш секој ден да бидеш најдобра мајка, сопруга, пријателка, ќерка, што било. Не мораш секој ден да имаш разбирање и да се бориш за сечии права. Не мораш баш секој ден да блескаш. Те лажеле. Нежноста не значи секогаш да бидеш добро според нивните мерила. Нежност е и кога знаеш дека не си добро и уште повеќе кога знаеш дека ќе бидеш добро. Затоа што ќе бидеш. Ти ветувам.