Како би требало вистинските дами да се однесуваат на социјалните мрежи?

Фактите од типот: Кога сте станале од спиење, колку време поминавте во тоалет, што сте зготвиле, дали партнерот се напил во кафана или ви подарил нови чевли, дали децата ви се најубави или не, како сте го преуредиле станот, дали сите мажи се завртеле по вас денес, се факти кои, драги мои, не мора да ги расфрлате пред поширок аудиториум.

Со појавата на интернетот, она што се чуваше зад затворени врати, она што се коментираше на кафе со најдобрата другарка или она што се подразбираше како секојдневен дел од животот, денес стана еден вид на статус. Отворањето на профил на социјалните мрежи многумина го поистоветија со добивање на членска карта во здружение на новинари или друштво на писатели.

Убаво ми велеше мајка ми...

Се сеќавате, мајките нѐ учеа дека своите радости и таги треба да ги споделуваме со најблиските. Тие нѐ учеа да бидеме дами – затоа што гардеробата и парите не се работи кои создаваат една дама. Дама е онаа која од куќата умее да направи дом, достоинствено да го носи секое парче облека на себе, да ги сочува семејните тајни, да воспита скромни и образовани синови и ќерки кои ќе дојдат до углед во општеството преку својата работа и убави манири. Тоа е подолгиот, но и посигурниот пат.

Ова се моите 5 минути

Кога ќе помислам да објавам нешто, прво помислувам: Дали се ова моите 5 минути? Дали поради тие неколку минути виртуелна слава треба моите пријатели, семејство и колеги да сносат последици за цел живот? Дали поради сликите во костим за капење ќе бидам одбиена на некое работно место? Дали моето дете во училиште ќе биде мета на исмевање поради тоа што јас сум ставала слики од него во неговото нокширче?

Дали мојот сопруг ќе биде исмејан и понижен поради статусот во кој се обидувам да ја подигнам мојата самодоверба со муабети за тоа како млади дечки се вртат по мене? Дали тие 5 минути вредат за сѐ што навистина вреди во нашиот живот?

Џентлменски/дамски договор

Мажите зборуваат за сѐ. Се фалат со своите успеси и „улови“. Мажот кој освојува е фраер, мажите и кризата на средновечни години – тоа се стереотипи со кои сме растеле.

Џентлменски договор секогаш подразбирал дека за приватноста не се зборува. Дамскиот договор никогаш не постоел, но изгледа треба да се состави. За нашите успеси другите треба да зборуваат, затоа што дури тогаш она што сме го правеле добива на вредност. Успехот на нашите деца е нивен успех. Нашето задоволство е од нив да создадеме вредни и чесни луѓе и да се гордееме со нив.

Кризата на средновечни години ги погодува и двата пола и лечењето на стравот од стареење не треба да биде јавна тајна – насмевката на маж во проаѓање, убав збор и комплимент, тоа се работи само за нашата душа. Мелем за сив ден, пеглање на душата со уште една брчка настаната од насмевнување, средената фризура и нокти треба да бидат само за нас, новата гардероба, машина за перење садови и автомобил – тоа се работи кои и треба да си ги дозволиме во средновечните години, затоа што можеме да си ги дозволиме, но не и да се фалиме со нив и со тоа да повредуваме луѓе кои не можат да си го дозволат тоа.

Размислете два пати

Да бидеме искрени, секогаш постоел феноменот на ширење приказни. Но, драги мои, тие приказни на крајот се како прашина која по топлото лето исчезнуваат носени од есенскиот ветар. Денес сѐ што објавувате станува јавна сопственост, датуми, лица, дури и она што сте го јаделе и пиеле тој ден останува како доказ против вас. Не можете да го порекнете она што сте го запишале.

Следниот пат кога ќе посакате да објавите приказна од приватниот живот прво помислете на тоа дали со тоа го кршите дамскиот договор. Размислете дали некој од вашите блиски ќе биде компромитиран со вашето пишување, дали некој ќе се почувствува повикан, дали тие неколку зборови кои сакате да ги напишете се повредни од вашето семејство, дом и деца?

Сетете се и на своите мајки и запрашајте се: што би рекла мајка ми кога би го прочитала ова? Дали би била горда на вас или би ви рекла дека не ве воспитала на тој начин? Почитувајте го дамскиот договор: луѓето нема да помислат дека не сте интересни ако умеете да ги чувате и своите и туѓото достоинство. Размислете два пати пред да објавите нешто. Верувајте дека вреди.

nike air max 1 sale