Кај "Сити мол" нема да има зонско паркирање, туку нов сообраќаен режим

Со цел намалување на гужвите кај "Сити мол", ќе се воведе нов сообраќаен режим. вели градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, за СДК

На улиците Волгоградска и Разловечко востание со цел да се намалат гужвите кај ТЦ „Сити мол“ ќе се смени правецот на движење на возилата. Овие две улици се еднонасочни, но сега на Волгоградска нема да биде дозволен правец на движење од „Сити мол“ кон Карпош 4 туку обратно. Правецот на движење во обратна насока ќе се смени и на улицата Разловечко востание.

„Во овој дел се создава голем метеж, бидејќи возила од двете страни на улицата Љубљанска вртат за влез на Волгоградска, како и за влез во подземниот паркинг на трговскиот. Со тоа што од Љубљанска беше дозволено движење кон Волгоградска, голем број од посетителите во трговскиот центар се паркираа пред зградите и граѓаните се жалеа дека немаат каде да ги остават нивните возила. Со овој сообраќаен проект ќе се реши тој проблем“, вели градоначалникот Стефан Богоев.

Во Карпош 4 ќе биде воведена и зона 30, односно максималната дозволена брзина за движење на возилата ќе биде 30 километри на час. На 60 локации низ населбата ќе бидат обележани и пешачки премини.

„Овој дел е густо населен, дополнително сообраќајот е зголемен од посетителите на ’Сити мол‘ и затоа решивме да ја ограничиме максималната дозволена брзина на движење, а пред секој градинка и училиште ќе бидат нацртани пешачки премини‘, додава Богоев.