Возачи кои секојдневно го користат регионалниот пат од Маџари до Катланово предупредуваат на можна хаварија на насипот на вториот надвозник кој ја премостува пругата Скопје – Куманово кај Јурумлери. Тие велат дека на спојот на насипот со надвозникот полека се формира ударна дупка која се чувствува кога возило поминува на патот.

Ккао што пишува Вечер, косината од насипот кои што ги покрива столбовите на надвозникот почнала да се рони како последица на атмосферските води, кои место по одводните каналчиња, се слева по косината и предизвикува истркалување на камењата со кои е направена косината. На тоа место веќе е формирана дупка со површина од два по два метри и таа постојано се зголемува, со тоа нарушувајќи ја стабилноста на насипот.

А, и одводните канали од двете страни на насипите е приказна која се раскажува сама по себе. Место да ја имаат улогата за која се изградени, а тоа е да ја прифаќаат атмосферската вода од патот и насипите, од едната страна се полни со израсната зелена вегетација и ѓубре, а од другата се затворени бидејќи некој телефонските кабли ги поставил во каналот и потоа ги забетонирал за да не бидат украдени. На испустите под пругата кои порано биле високи и до еден метар и како што ни рекоа мештани, можело човек низ нив да помине, сега се затворени со железни решетки.

– Дојдоа работници, ги положија каблите, фрлија бетон врз нив и ставија решетки. Сега испустот под пругата не ја пропушта водата од одводните канали кои ја прифаќаат атмосферската и подземните води. Башка што каналите се полни со шут и водата нема каде да оди, па ни ги полни подрумите на куќите – велат мештани.

Фото: Вечер/Д. Митрески