Кај Драчево откриен доцноантички мозаик

На археолошкиот локалитет Пеленица кај Драчево е откриен полихромен мозаичен под од доцноантичкиот период, со што се потврдени историски записи за постоење мозаик на оваа локација стари речиси девет децении.

​​​​​​​

Археолошките истражувања ги спроведува Националниот археолошки музеј, а започнаа на 28 октомври годинава. Целта била да се проверат историските податоци за постоење мозаичен под во кружна просторија на локалитетот.

Покрај мозаикот, археолозите пронашле и керамички материјал и монета од доцноантичкиот период. Мозаикот е изработен во техниката opus tessellatum, која подразбира составување слики и орнаменти од мали камени, стаклени или керамички коцкички во различни бои.

Засега е откриен само периферниот дел од мозаичниот под, а дополнителните истражувања треба да покажат колкава е неговата површина, во каква состојба е зачуван и на каков архитектонски објект припаѓал.

Проектот е финансиски поддржан од Општина Кисела Вода, со поддршка од црквата „Св. Спас“ во Драчево и во соработка со Конзерваторскиот центар – Скопје.

По завршувањето на ископувањата, планирани се и геофизички истражувања во дворот на манастирскиот комплекс, со цел да се утврди дали под земјата има и други, досега неоткриени архитектонски остатоци.

Од наредната година се планира почеток на конзерваторски активности за заштита и зачувување на откриеното археолошко наследство.

Според најавите на Општина Кисела Вода, пронајдоците и собраните податоци ќе бидат дигитализирани и достапни за граѓаните, со што се очекува да се поттикне и развојот на културниот туризам.

Извор: ТВ21