Кафеанџиите го искористија моментот, а тоа што многумина ќе се разболат и ќе умрат воопшто не ги интересира, вели проф. Трајковски

Професорот Дејан Трајковски во својата најнова ковид анализа нотира дека секојдневно гледаме високи стапки во Куманово и Скопје, но состојбата не е добра ни во Прилеп, Битола и Тетово

-Речиси не остана град или регион каде што есенскиот бран не пристигнал. Делта сојот е навистина ужасен, само што населението како сосема да се препуштило на судбината или пак сите надежи ги вложило на картата на вакцинација. Но, вакцинацијата сама по себе не е доволна. Без ограничување на контактите меѓу луѓето броевите на нови случаи и на починати допрва ќе растат, вели тој. 

-Самоволното отворање на ноќните клубови во саботата, при важечка забрана за нивна работа којашто одамна е на сила, ја покажува не само безобзирноста на кафеанџиите, туку и немоќта или незаинтересираноста на државата за спроведување на законот. Впрочем, не е нова веста дека Македонија е земја на беззаконието. Веста за отворањето на ноќните клубови беше објавена во медиумите како најнормална, а по неа следеше целосен молк од страна на државните органи, веројатно не сакајќи да навлекуваат бес кај младите во пресрет на вториот круг на локалните избори. Кафеанџиите тоа добро го знаеја и го искористија моментот, а тоа што многумина ќе се разболат и ќе умрат воопшто не ги интересира. Така, по којзнае кој пат, популистичките политики однесоа победа над епидемиолошките мерки и општо над здравиот разум. Гужвите во ноќните клубови во саботата беа ужасни, а тоа секако ќе се покаже и на епидемиолошките дијаграми по неколку дена, смета професорот. 

Тој заклучува дека сликите од преполнетите болници во Романија, Србија и Бугарија ќе станат реалност и тука, некаде во текот на есента или зимата штом попушти заштитата од вакцините, но и со заладувањето на времето кое кај нас, поради појужната географска положба, ќе дојде малку подоцна.

-Некои важни лекции никако не можеме да ги научиме, ниту од тужите, ниту од своите грешки, дециден е проф. Трајковски.