Каење и извинување од директорот на Неврологија кој беше разрешен по скандалозното видео

Разрешениот директор на Клиниката за неврологија поради за „шмркање бело“ на социјалните мрежи, Игор Кузмановски, доцна синоќа се огласи на Фејсбук, изразувајќи каење и извинување за постапките.

„Во врска со објавите на социјалните мрежи изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се има случено далеку пред моето превземање на менаџирање на клиниката за неврологија. Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример. Секој човек во животот се соочил со слабости, предизвици и грешки. После ова знам дека оваа грешка нема да се повтори и сум подготвен да живеам со сите мои подеми и падови“,пишува Кузмановски.

Тој додава дека се повлекува од функцијата директор на клинката задоволен со многуте резултати кои ги постигнал со својот тим.

„Се извинувам на сите кои ги разочарав и ќе продолжам да работам како доктор, она што највеќе го знам, сакам и живеам, да спасувам животи, помагам и работам за доброто на заедницата“, додава Кузмановски.

Министерот за здравство Азир Алиу веднаш по објавувањето на видеото донел одлука за разрешување на Кузмановски, кој на функцијата беше поставен во август годинава.