Со пет земји имаме билатерални договори за признавање на националните возачки дозволи, а со уште девет тоа е регулирано врз основа на Виенската конвенција за патен сообраќај.
Република Македонија има склучено договори за заемно, односно реципрочно признавање на националните возачки дозволи со Италија, Шпанија, Албанија, Србија и Црна Гора. Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, станува збор за билатерални договори потпишани со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните. Согласно со овие договори, на носителите на македонска возачка дозвола кои престојуваат на територијата на која било од овие пет држави не им е потребна меѓународна возачка дозвола, односно на оние кои имаат регулирано постојан престој на територијата на која било од горенаведените држави, на нивно барање може да се изврши замена на возачката дозвола.
Покрај овие, врз основа на националното законодавство и Виенската конвенција за патен сообраќај (1968 година) меѓусебно признавање на возачките дозволи има и со: БиХ (со одобрен постојан престој од шест месеци), Чешка, Бугарија, Хрватска, Словенија, Романија, Унгарија, Белгија и Австрија (само Б категорија). Во тек се и договори за признавање на возачките дозволи и со Косово, Турција, Германија, БиХ и Велика Британија, а врз основа на поднесена апликација за признавање на македонската национална возачка дозвола, во тек е постапка и со Австралија и Нов Зеланд. Соседна Република Грција не врши замена на странска возачка дозвола со грчка и на носителите на македонска дозвола им е потребна меѓународна возачка дозвола.
Од МВР информираат дека е доставено барање за произнесување за реципрочно признавање на возачките дозволи согласно со Виенската конвенција до уште 29 држави, со кои се водат постапки за меѓусебно регулирање на оваа обврска.