Каде одат македонските лекари - За десет години државата ја напуштиле над 1000 доктори

Од почетокот на годината до вчера 159 доктори побарале потврди од Лекарската комора за да можат да работат во странство. Последните осум години над 1200 лекари, повеќето млади специјалисти ја напуштиле државата. Од асоцијацијата на специјализанти и млади лекари велат дека бројката е двојно поголема бидејќи во некои европски држави самите болници го ангажираат медицинскиот кадар од нашата земја и не им требаат никакви дозволи, анализира Сител.

-Германија, Хрватска и во иднина Малта која најави дека ќе ги олесни процедурите за работа се најчестите дестинации според нашите сознанија каде одат да работат македонските лекари, а од друга страна имаме голем бран на пензионирање на специјалисти, изјави д-р Ненад Лазаров, Асоцијација на специјализанти и млади лекари на Р. Македонија.

Од асоцијацијата на млади лекари повторно предупредија дека ако не се преземат драстични мерки за 2 до 3 години државата ќе остане со многу мал број специјалисти, а последиците ќе ги трпат пациентите.

Платата е најчестатта причина зошто македонските лекари се одлучуваат да заминат во странство. Ако месечно на Клинички млад специјалист зема 500 евра, почетната плата во западноевропските земји му е 2000 евра.

Освен парите, немањето визија за иднината ниту долгорочна стратегија, како и нарушените меѓучовечки односи во здравствените установи се останатите причини зошто медицинскиот кадар си оди од државата.

-Она што итно треба да се направи се измени на законот за здравствена заштита кои ќе ни дадат било каква надеж како млади лекари да се развиваме во земјава, додаде д-р Лазаров.

Здравствените власти на неколку трибини лично слушнаа зошто лекарите си заминуваат во странство, но освен покачувањето на платата за 5 проценти, и пари за специјализантите досега не излегоа со конкретен план како да ги задржат докторите во земјава.