Скопје е препознатливо по традиционално јадење симит-погача, но се чини дека автентичниот вкус полека исчезнува.
Скопјани коментираат дека она што денеска се нуди низ фурните и пекарниците е налик на популарните симитки, бидејќи се прават со палмина маст, но ни од далеку го нема оној препознатлив вкус како во минатото.
- Нема повеќе симитки во Скопје како некогаш. Во последниве 30 години останаа само две места каде вкусот потсетува како некогашните симит погачи, вели еден скопјанец.
- Во Фурна Козле ми е највкусен, споделува еден скопјанец.
- Фурна Бит Пазар кај ковачите и самарџиите, единствено таму може да ги најдете традиционалните симитки, вкус и квалитет кој не е променет со децении, вели друг скопјанец.
- За овој специјалитет важно е тестото, начинот на кој се подготвува, но и дозата на мрснотии на „филот’, коментира еден скопјанец.
- Дефинитивно во старата скопска чаршија, низ другите пекарници се обидуваат да го доловат вкусот, но не е тоа тоа, вели еден повозрасен скопјанец.
Секогаш е актуелно прашањето каде има највкусна симит-погача?
-Во стара фурна во Чаир, во „Кисми“ во Аеродром, во Шутка по цена од 20 денари, во Вардар во Автокоманда, на последна „45-ка“ во Ченто, кај пазарчето Буњаковец, во пекара „Свети Никола“ спорти Клинички... споделуваат скопјани во фејсбук групата „Стари скопјани“.
Симит-погачата е скопски локален бренд, кој веќе е извезен како скопски во Истанбул, Призрен и на други места.
Симит-погачата не е леб, а не е ни пита. Лебот е симит, а питата – погача, а симит-погачата е целина, која мора да ја пробате доколку сте во Скопје!