„Каде ќе им оди душата? Некој не дочека важни моменти поради нивните терапии“ - Бурни реакции за случајот „Онкологија“

Скопското обвинителство поднесе две обвиненија за случајот „Онкологија“ со која се опфатени шест лица и тоа медицинскиот директор, организацискиот директор на Клиниката и четворица онколози, меѓу кои и еден поранешен директор - Нино Васев. 

Од 2018 до 2022 година сториле тешки дела против здравјето на луѓето и се товарат за несовесно лекување болни. 

Овој случај, уште од самото негово откривање, предизвика бура реакции во јавноста. 

„Овој предмет мора да биде лекција за сите надлежни да се залагаат за унапредување на протоколите за работа на сите здравствени институции. Случајот покажува дека, за жал, состојбите во здравството кај нас се влошуваат“, рече денеска обвинителот Љупчо Коцевски.  

Јавноста реагира на бездушноста и болката предизвикана од овие постапки на медицинските лица кои наместо да им помогнат на пациентите им предизвикале дополнителни компликации, и големи трауми на нивните блиски.

Еве дел од реакциите на социјалните мрежи:

- Како не постои смртна казна за овие кои свесно од лична корист на тешко болните од карцином им давале "терапија" за побрзо да починат. Во нив се гените на Менгеле!  

- Кај ќе им оди душата? 

- Како е, дали знаат, додека блиските се молат и позајмуваат пари да веруваат дека има надеж за мајка, сестра, ќерка, син...? А всушност на најдолниот начин да бидат третирани. Некој не дочека важни моменти поради ова злодело!