Каде исчезнаа луѓето?

Никој повеќе не се разбира со другите. Ние сме болни од некоја чудна болест која уште не е утврдена од науката. Само на изглед останавме луѓе. Сѐ останато се само идеали, некои бајки и приказни од минатото.

Исчезна солидарноста, престанавме да сакаме и да чувствуваме. Престанавме да ги разбираме дури и најблиските. Престанавме да се смееме и да чувствуваме радост. Некој веројатно еден ден во далечната иднина ќе пишува за феноменот на човечки чувства кои некогаш одамна постоеле. За луѓето кои некогаш живееле. Затоа што ова денес не е живот, ниту смисла, ниту потреба, само измама за трошење време од сопственото преживување и мижење пред сѐ што постои во животот.

Децата ни се убиваат.

Работниците молат за стаж.

Мажите си ги убиваат жените и децата.

Фатални сообраќајќи предизвикани од пијани татини синови.

Болниците се вистински хорор филм.

Системски се загадува водата и воздухот.

Луѓе умираат затоа што немаат пари за терапија.

Луѓе молат за корка леб.

И кој нѐ уништува?

Некој друг?

Не. Ние се уништуваме самите себе затоа што мижиме. Само затоа што тие работи во тој момент не ни се случуваат нам. Ние сме над тоа. Нам не може да ни се случат лоши работи. Ние знаеме да владееме. Со што владееме?

Со немање почит кон другите, со немање емпатија кон човечкиот род, со тоа што повеќе го немаме основниот составен дел на човекот – душата. И целото наше учество во општествената заедница го сведовме на социјални мрежи и на проклети коментари исткаени со заедничка омраза кон нашите, вашите, моите и нивните, додека зборуваме за најактуелните домашни теми.

И како да не се прашува човек: „Каде исчезнаа луѓето?“

Каде исчезнаа оние прекрасни, добри луѓе кои некогаш постоеја?