Каде и да отидам морам да кажам дека сум провинцијалка за некој од скопјаните да не се најде навреден

Иако во големиот град дојдов од друг град, а не село, за да ги испочитувам " родените скопјанки" кои со своето локациско педигре се гордеат повеќе отколку со она што го имаат стекнато во животот, морам каде и да отидам да кажам дека сум провинцијалка за некој од нив да не се најде навреден.

Меѓутоа, вистината е дека од било кој град во Македонија да доаѓате во Скопје, секој ќе ви се чини сив, досаденм мрачен и тмурен во однос на убавината на Скопје која ќе ја затекнете.
Големите градови како да имаат личност- неверојатно влијаат на човекот, баш како што човекот знае да влијае на човекот. Знаат да ни ја променат личноста, вкусот, ставот, сфаќањето, да не измамат, казнат, наградат.

Дојдов во Скопје за да најдам работа. Успеав да најдам ужас, катастрофа, промискуитет, несреќа, незадоволство.

Секогаш постои онаа теза дека во поголем град е полесно да најдеш работа. Тоа е точно. И навистина, не треба да се срамите од тоа да работите било што, затоа што на тој начин си ги плаќате сметките и киријата.

Се со цел да се докажете ќе работите и за ситни пари по 10 часа дневно, па редовно ќе добивате нервни удари кога ќе слушнете на телевизија дека просечната плата во Македонија е 30 илјади денари. Скопје не го почитува просекот. Овој град ќе ве исцеди, измори, искористи, а ако сте меки и ниту малку жилави, ќе ве шутне назад во провинцијата од која и дојдовте. Ако баш и сакате да останете, спремете се на тоа да работите по 2-3-4 работи наеднаш за да можете да ги подмирете сите трошоци во текот на целиот месец и евентуално да си купите некое ново парче облека за зимава.

Скопје е, како и секоја старлета, злобен и лош. Ако овде можете да стекнете пријатели, вие сте прави среќници. Пријателствата кои траат во овој град се многу ретка појава. Градот е пребрз и никој нема време за емотивни продлабочувања.

Брзаме, трчаме, пропратно газиме по неколку лешови, па секој оди во својата канцеларија. Покажете дека сте способни- ќе ве мразат. Докажете дека сте способни- ќе ве запалат. Ако напредувате, ќе престанат да ви се јавуваат на телефон. Но, затоа ако им се јавите и ги поканите во вашиот стан на пијачка бидејќи имате некое шише водка кое ви останало недопиено, веднаш ќе дотрчаат.

За некој кој доаѓа од провинција, каде системот на вредности е малку поразличен од овој скопскиот, пријателите за еднократна употреба се некоја потполно нејасна димензија.