Каде да пријавите доколку ве касне бездомно куче?

Речиси секојдневно во билтенот на МВР има случаи на каснување од улични кучиња, најчесто на територијата на Скопје. Што треба да сторите во тој случај? 

Каснување од куче може да пријавите во ЈП „Лајка“, во локалната самоуправа, најблиската полициска станица, како и во Агенцијата за храна и ветеринарство. 

Доколку граѓанин го касне или изгребе куче или мачка, веднаш треба да се јави во најблиската здравствена установа за лекување на повредите. Ако животното е со познат сопственик, веднаш треба да пријави телефонски до надлежниот официјален ветеринар од општината каде се случило каснувањето, појаснуваат од АХВ. 

Доколку се работи за каснување од бездомно куче или мачка, оштетеното лице случајот треба да го пријави во Секторот за инспекциски работи во локалната самоуправа.

Пријава за каснувањето/гребењето, може да се поднесе и преку архивата на подрачната единица на АХВ, преку архивата на дирекцијата на Агенцијата за храна и ветеринарство (ул. „Трета Македонска Бригада“ бр. 20, Скопје) или на службената електронска адреса на Агенцијата (info@fva.gov.mk). Исто така, пријава може да се поднесе и преку најблиска ветеринарна амбуланта - клиника или полициска станица.

Во прилог на пријавата, граѓанинот потребно е да ги достави личните податоци за контакт, соодветна медицинска документација која ја добил од здравствената установа во која се јавил за лекување на повредите настанати од каснувањето или гребење од куче или мачка, локацијата каде се случил настанот и детален опис на животното од кое каснат.

Во спротивно, пријавата ќе биде отфрлена како неоснована.

По добивање на пријавата, надлежниот инспектор - официјален ветеринар дава налог кучето или мачката да се стави под официјален надзор (набљудување -опсервација од страна на доктор по ветеринарна медицина 15 дена со 3 клинички прегледи), а по завршување на опсервацијата се издава Сертификат за надзор на беснило со кој се потврдува здравствениот статус на животното.

Покрај горенаведената процедура за пријавување, граѓанинот може да пријави и до надлежното прифатилиште за општината.

Прифатилиштето, по службена должност го известува надлежниот официјален ветеринар дека има пријава за каснување од куче или мачка.

Согласно Законот граѓаните може да побараат отштета од единиците на локалните самоуправи или од ЈП,,Комунална хигиена“ само во услови кога се нападнати од бездомно куче, додека во друг случај доколку бидат каснати од куче кое има сопственик, отштетата се побарува од сопственикот.

Износот на отштетата во пресудите изнесува меѓу 60.000 и 120.000 денари, во зависност од обемот на настанатата штетата и доказните материјали, дали станува збор за претрпени физички болки, претрпен страв, претрпени душевни болки и нагрденост.