Када се насука на брегот на Вардар во центарот на Скопје

Охрид си го има Охридското Езеро, а Скопје Вардар. Летоска беше откриено дека Охридското Езеро на дното си имало када, а еве и Вардар да не остане покусо си има своја када.

За потсетување, летоска нуркачите од клубот „Акватек“ на својата ФБ страна објавија фотографии од кадата, што беше пронајдена помеѓу Срјшче и Мостот на желбите, на 100 метри од брегот и на длабочина од пет метри.

-Некој си го реновирал клозетот. Секоја чест, браво…, пишуваше во објавата на Фејсбук.

Е, па, и во Скопје некој си го реновирал клозетот. Секоја чест, браво…

Кадата во Вардар дури и не е во вода, важно во коритото е. И што е најважно, во строгиот центар на градот, под мостот меѓу Министерството за надворешни работи и хотелот „Холидеј ин“. Ај на тој што ја фрлил не му текнало дека Вардар не е вистинско место за таков отпад, белки некому ќе му текне барем да ја тргне од таму. Колку да не ни се гледа срамот.